Достапни линкови

Ципрас доби доверба, Македонија - закони за јазици и антикорупција


Премиерите на Грција и на Македонија, Алексис Ципрас и Зоран Заев.
Премиерите на Грција и на Македонија, Алексис Ципрас и Зоран Заев.

По довербата на владата, грчките власти се фокусираат на Преспанскиот договор. Путин во посета на Србија. Законот за јазици излезе во Службен весник, а власта и опозицијата се усогласија околу Законот за спречување корупција, се само дел од темите во медиумите.

Веста за која можеби најмногу беа заинтересирани грчката, но и македонската јавност, особено политичките елити, е дека „Владата на Ципрас доби доверба во грчкиот Парламент со 151 глас „ЗА“ и 148 гласа „против“ и сега се фокусира на Преспанскиот договор“.

Со вакви наслови се појавија електронските изданија на домашните печатени медиуми. Независен и Нова Македонија објавија и дека „Ципрас го извести Парламентот за Вербалната нота од македонското МНР во која се соопштува дека се исполнети обврските од Договорот од Преспа и го повика лидерот на Нова Демократија, Мицотакис на ТВ дуел“.

Вечер и Нова Македонија ја пренесоа изјавата на рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров: „Не сме против новото име на Македонија, во прашање е колку е процесот легитимен“. Порталите на истите весници пренесоа и делови од интервјуто на претседателот Путин пред неговата посета на Србија. „Постои надворешен притисок околу зачленувањето на Македонија во НАТО“, изјавил Путин. Порталите на печатените медиуми ја објавија и нотата од македонското МНР во врска со ставот на руското МНР по усвојувањето на измените на Уставот на Република Македонија: „Договорот од Преспа не задира во интересите на трети страни“.

Вечер ја лиферува и веста дека „Претседателот на Демократската партија на Србите во Македонија, Иван Стоилковиќ, по покана од српскиот претседател Вучиќ ќе го дочека Путин во Белград“.

Нова Македонија и Вечер информираа за писмената изјава на претседателот Ѓорѓе Иванов: „Објавувањето на двата закона во Службен весник е незаконско и претставува основ за кривично гонење“. Нова Македонија го објавува и одговорот на Владата: „Иванов го прекрши Уставот. Тој беше должен да го потпише указот за прогласување на двата закона, а кога тој одлучува да го крши Уставот, неопходно е да се преземат мерки кои се во согласност со Уставот за да продолжи да функционира парламентарната демократија“.

Вечер пренесува делови од интервјуто на првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за Алфа ТВ: „Џафери и Заев извршија атентат врз државата со двојазичноста и уставните измени“.

Слободен печат објави: „Со решавањето на спорот со Грција, Македонија го привлече магазинот ’Нешенел џеографик‘“, во кое Македонија ја предлага како една од 28-те дестинации за најдобрите патувања во 2019 година.

„Власта и опозицијата се усогласија околу Законот за спречување корупција – СДСМ прифати 20 од 40 амандмани поднесени од ВМРО-ДПМНЕ“ – објавија Нова Македонија, Слободен печат и Независен. Вечер оваа вест ја наслови: „Власта и опозицијата се договорија – Антикорупциска ќе има увид во банкарските сметки на политичарите“.

Македонија изгледа доби уште еден „бегалец“. Вечер наслови: „Од куќниот притвор избега Никола Војминовски, еден од осудените напаѓачи на Села, распишана е и меѓународна потерница“, а Нова Македонија реакцијата на Алијансата за Албанците: „Бегството на Војминовски покажува дека затворите се изградени само за Албанците“.

„Филипче бара максимална казна до 50.000 евра за ’Македонијалек‘“ за техничката грешка со декларацијата на МРП вакцините кои биле со добар и проверен рок, но со техничка грешка на декларации на македонски јазик, објавија порталите на печатените медиуми.

Инаку, во Белград, но и во Ниш, Нови Сад, Крагуевац и во други градови во Србија продолжија масовните демонстрации, што траат повеќе од 1 месец, против власта на претседателот Вучиќ, овој пат по повод годишнината од убиството во Северна Митровица на лидерот на Граѓанската иницијатива на Косово - „Србија, демократија, правда“, Оливер Ивановиќ, со барање да се пронајдат неговиот убиец и налогодавачите – информира Нова Македонија.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG