Достапни линкови

За двојазичноста ќе требаат и пари и луѓе


Тројазична патоказна табла ( на македонски, англиски и албански) во центарот на Скопје.
Тројазична патоказна табла ( на македонски, англиски и албански) во центарот на Скопје.

За новоформираните институции кои ќе го спроведуваат и ќе го надгледуваат спроведувањето на Законот за јазиците во државниот буџет се предвидени 257 илјади евра, но не се знае колку вкупно пари ќе ја чини државата спроведувањето на законот и колку луѓе ќе се вработат, но се знае висината на казните.

Во буџетот за 2019 се предвидени 257 илјади евра за Агенцијата за спроведување на Законот за јазиците и за Инспекторатот кој ќе надгледува дали законот се спроведува. Формирањето на овие институции произлегува од Законот за јазиците кој по една година откако беше изгласан, излезе во Службен весник, но само со потпис на претседателот на Собранието.

Во законот во делот на финансиските импликации пишува дека освен парите за новите институции, ќе бидат потребни дополнителни 90 милиони денари или 1,5 милиони евра за буџетските корисници да може да го спроведуваат законот. Овие пари беа предвидени во буџетот за 2018.

Од Владата велат дека во моментот нема точна сума колку ќе чини спроведувањето на Законот за јазиците.

„Секоја институција треба да направи анализа на своите капацитети. Зависно од анализите што ќе ги добие да ги преземе и чекорите со кои ќе се подобрат капацитетите или човечките ресурси во однос на остварување на законот“, рече владиниот портпарол Муамед Хоџа.

Според Законот треба да се основа Агенција за примена на јазикот, а директорот на Агенцијата го избира Владата. Мандатот на директорот е 4 години. Во Агенцијата ќе бидат вработени и лингвисти, филолози и лектори.

Во буџетот за 2019 за Агенцијата за спроведување на законот за јазиците се предвидени 8, 4 милиони денари, односно 137 илјади евра.

Агенцијата ќе им пружа поддршка на институциите со превод и лекторирање на документи, лекторирање на актите што ќе се објавуваат во Службен весник. Агенцијата ќе промовира и презема мерки за унапредување на употребата на јазикот кој го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните на Република Македонија, стои во описот и целите за ова институција во буџетот за 2019.

А ќе има и Инспекторат за употреба на јазиците, кој ќе биде дел од Министерството за правда кој ќе врши надзор над спроведувањето на одредбите од законот. За Инспекторатот во државниот буџет се предвидени 7, 4 милиони денари, односно 120 илјади евра. Инспекторатот за употреба на јазиците е орган во состав на Министерство за правда со својство на правно лице и врши инспекциски надзор над целосно и доследно спроведување на употребата на јазиците.

Во однос на вработувањата, во Законот пишува дека дел ќе бидат реализирани преку преземање од други државни институции, пред сè од Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор.

Од законот по се изгледа најмногу ќе се офајдат, преведувачи, лектори, лингвисти, оти во сите институции комуникацијата и документите ќе треба да бидат двојазични.

Во Агенцијата за вработување од тој профил работа бараат 142 луѓе. И тоа работа бараат 50 професори и тројца наставници по албански јазик.Исто така работа бараат и 47 професори по албански јазик и книжевност. Во Агенцијата регистрирани се и осум невработени преведувачи од албански на македонски и обратно (немајчин јазик) и со 17 со мајчин јазик. Има еден дипломиран филолог по македонски јазик со албански јазик и книжевност иеден дипломиран филолог со албански јазик и книжевност со полски јазик. Работа бараат и 15 дипломирани професори по албански јазик и литература. Значи вкупно 142 професори, филолози и преведувачи

Но пари ќе има и за оние кои произведуваат табли и патокази, оти најдоцна шест месеци од стапување на сила на законот сите табли на институциите исто така ќе треба да станат двојазични. А тоа важи и за таблите со називи на улици, плоштади, мостови, на други инфраструктурни објекти, патокази.

А за тие пак институции, јавни претпријатија, агенции, установи.... кои нема да го почитуваат законот ќе има казни од 4000 до 5000 евра.

Албанскиот јазик ќе се користи на собраниски и владини седници и во други државни институции, кај нотари, извршители, во суд, при изборен процес. И веб страниците на институциите треба да бидат двојазични. И поштенските марки, уплатниците, бандеролите, фискалните извештаи освен на македонски ќе треба да бидат напишани и на јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните и неговото писмо. Двојазични ќе бидат и униформите на полицијата, пожарникарите, здравствени работници. И постапките што ќе се водат пред суд, во обвинителство, и во други тела и институции исто така ќе треба да се водат на два јазика. А институциите ќе треба да обезбедат превод на сите материјали, да има симултан превод за време на целата постапка. Двојазични ќе бидат и парите.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Законот ќе ги блокира институциите.

„Кои наместо да си работат работата ќе треба да преведуваат и одржуваат двојни архиви, што ќе ја чини државата и граѓаните, време, место, човечки ресурси и пари“, рече координаторот на пратеничката група Никола Мицевски.

Тој рече дека ВМРО – ДПМНЕ ги повикува сите институции на централно и локално ниво да го игнорираат и бојкотираат операционализирањето на овој, како што рече, неуставен и штетен закон. А доколку одговорните во институциите се соочат со какви било проблеми или закани, партијата иправната комисија им стојат на располагање за правна или било каква друга помош, рече тој.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG