Достапни линкови

Огномети и концерти за дочек на Новата 2019


Дочек на Нова година во Бразил.
Дочек на Нова година во Бразил.

Огномети, концерти, масовни венчавки, но и по некоја трагедија, ја одбележаа „најлудата ноќ“.

Во Скопје новогодишна прослава се одржа на плоштадот Македонија. За забавата се погрижија „Парни ваљак“ и Аки Ракимовски , а точно на полноќ имаше и огномет. По прославата од „Комунална хигиена“ соопштија дека за време на ноќната и утринската смена собрале и транспортирале речиси 40 кубни метри најразличен отпад од новогодишната населба „Winterland“, градскиот плоштад, улицата „Македонија“ и Старата чаршија.

Осум интервенции на скопските пожарникари за новогодишната ноќ

Осум пожари се регистрирани на територијата на Град Скопје за време на новогодишната ноќ. Како што велат за МИА од Територијалната противпожарна единица, дежурните екипи интревенирале од 19 часот вчера до седум утрово.

Повредени нема, причинета е само материјална штета.

Во Битола се славеше на плоштадот „Магнолија“, имаше огномет, а градоначалничката прочита и новогодишна честитка.

Масовна тепачка во Охрид

Седум луѓе учествувале во масовна тепачка што утрово се случила пред казино на улицата „Партизанска“ во Охрид. Освен ова нарушување на јавниот ред и мир, портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски оцени дека новогодишната ноќ поминала генерално мирно на цело подрачје на овој сектор за внатрешни работи. Димоски рече и дека на највеселата ноќ во годината не се случила ниту една сообраќајна незгода.

Ведран е првото бебе во 2019 година

Ведран е првото бебе кое се роди во 2019 година на Клиниката за Гинекологија и акушерство во Скопје, една минута по полноќ.

Бебето е прво дете на 25-годишната скопјанка Александра Ангеловска, тешко 3.920 грама и долго 52 сантиметри.

Министерот за здравство Венко Филипче, кој го посети Ведран заедно со министерката за труд и социјална политика Мила Царовска и градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов му посака да биде здрав и жив но, и како што рече, редовно да се вакцинира.

На Токсикологија ноќеска примени 24 пациенти

На Клиниката за токсикологија ноќеска се примени 24 пациенти, сите во алкохолизирана состојба. Тие се веќе пуштени на домашно лекување. Хоспитализирани се и тројца корисници на психоактивни супстанци, од кои двајца се веќе дома, а една пациентка се уште е на опсервација.

Како што изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче, во Ургентниот центар во Скопје за време на новогодишната ноќ биле третирани околу 60 пациенти, главно повредени во сообраќајки, при физички напад, од посекотини од стакло и пиротехнички средства, но ниту еден нема посериозни повреди.

Дочек на Новата година во светот

На прославата на Тајмс сквер во Њујорк илјадниците присутни се забавуваа на дождот и уживаа во изведбите на Кристина Агилера, Стинг и Снуп Дог. Во првите моменти од 2019 сите ја пееја „Њујорк, Њујорк" на Френк Синатра. Огнометот го осветли небото над Ембаркадеро во Сан Франциско, градската сала во Лос Анџелес беше осветлена со црвена и виолетова боја.

Во Рио де Жанеиро, на статуата на Христос имаше светлосни проекци, а повеќе од два милиони бразилци облечени во бела боја, играа на плажата Копакабана.

Прослават на Нова година започна на брегот на Сиднеј со голем огномет кој го следеа повеќе од 1,5 милиони луѓе. Но се случи и грешка кога на небото беше испишано Среќна нова 2018, наместо 2019 година.

Во Хонг Конг, стотици илјади луѓе се венчаа на бесплатаната масовна венчавка што ја организираше власта за да го одбележи доаѓањето на новата година. Меѓутоа, огнометите беа откажани од почит кон жртвите на цунамито на 22 декември, во кое загинаа повеќе од 400 лица.

Во Јапонија, локалните жители се собраа во храмови со ѕвонење да ја дочекаат 2019 година. Новогодишната ноќ ја одбележа и трагедија во јапонската престолнина како човек намерно со автомобил влета во група луѓе, при што беа повредени девет лица, од кои еден посериозно, соопшти полицијата.

Огнометот во Дубаи го осветли небото над највисоката зграда во светот, Бурџ Калифа.

Скоро осум години од граѓанската војна во Сирија, луѓето во Дамаск ја прославија новогодишна ноќ во Стариот град, како порано.

Во Русија новата година се дочекуваше неколкупати поради различните временски зони. Концерти и светлечки шоуа имаше во многу паркови во Москва, а беа отворени и над 1000 лизгалишта на мраз. Експлозија на гас во станбена зграда во рускиот град Магнитогорск фрли сенка на прославите во Русија.

Во Париз, со огномет се славеше на Елисејските полиња, каде „жолтите елеци“ протестираа. Францускиот претседател Емануел Макрон, во телeвизиско обраќање рече дека неговата влада можела да направи подобро. Се славеше и во Берлин, Лондон и во други европски градови.

Во Демократска Република Конго пак властите беа зафатени со пребројување на гласовите од претседателските избори во неделата.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG