Ако мешањето на Русија во Косово и во Босна и Херцеговина во деведесеттите години беше прва фаза од руската политика против Западот, а последните случувања околу Крим – втора фаза, Русија сега се враќа со трета фаза и тоа меѓу државите кои подолг период се решени за членство во ЕУ и НАТО, заклучија дел од учесниците последниот состанок на Поткомисијата за безбедност и одбрана на Европскиот парламент на кој учествуваа и повеќе експерти за руската политика на Балканот. Таа трета фаза, како што вели универзитетскиот професор Димитар Бечев, еден од најдобрите светски познавачи на руската политика на Балканот и кој учествуваше на состанокот, е да се нанесе што поголема штета на западните сојузи и да се запре нивното проширување со нови членки.
Бечев: Балканот не е меѓу привилигираните од Кремљ
„Што е предметот на оваа трета фаза на Русија? Мислам дека Русија нема позитивна агенда за Балканот во нејзината т.н. привилигирана сфера на интерес, во нивната Евроазиска унија или во нивната Организација за колективна безбедност. Нивната цел е да направат што поголема штета на Запад. Тие го гледаат Западен Балкан како слаба точка на западните сојузи каде можат да дејствуваат во остварувањето на нивната геополитика“, изјави Бечев.
Со порака дека Русија се противи на членството на Македонија и регионот во НАТО во Скопје дојде и заменик-државниот секретар на САД, Џон Саливан.
„Не мислам дека е некаква тајна оти руската влада е против македонското членство во НАТО и мислам дека е фер да се каже дека ќе се преземат било какви активности да го поткопаат. Тоа е нивниот интерес, наспроти интересот на македонските граѓани кои одлучуваат што е најдобро за нивната земја“, рече Саливан.
Маслов потврди: Москва се противи на членството на Македонија во НАТО
Потврда на овие тврдења дека Русија не ја сака Македонија во НАТО минатата недела дојдоа и од рускиот амбасадор во Атина, Андреј Маслов, кој дури испрати и предупредување до Скопје.
„Русија нема ништо против Договорот од Преспа за името, но се противи на членството на Македонија во НАТО, и ако тоа се случи, Москва ќе биде принудена да преземе контрамерки“, изјави Маслов на средба со новинарите по повод посетата на грчкиот премиер Алексис Ципрас на Москва.
Иако дел од експертите за руската политика на Балканот, меѓу кои и политикологот професор Бечев, сметаат дека Русија нема долгорочна стратегија за Македонија и другите земји од регионот, сепак сериозно предупредуваат дека Москва се уште „има свои луѓе на терен и ја користи секоја прилика за опструкција“.