Достапни линкови

ВМРО-ДПМНЕ го зголемува притисокот врз власта


Протестен марш на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ. 12.12.2018.
Протестен марш на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ. 12.12.2018.

ВМРО-ДПМНЕ со помасовни и долготрајни протести може да изврши притисок врз власта и да издејствува исполнување на нивните барања, оценуваат аналитичари. Сепак, тие посочуваат оти некои од барањата се спорни. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека власта ќе ги прифати барањата ако и мисли добро на државата.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ за три недели одржа три протести пред Владата во Скопје, поради незадоволство од актуелната власт предводена од нивниот долгогодишен политички противник СДСМ.

Серијата протести почна со најавите на претседателот на партијата Христијан Мицкоски дека следува тешка борба за татковината и уривање на власта поради, како што рече, нејзината неспособност и националното понижување. Но, тој на вчерашниот собир излезе со неколку барања до власта.

Мицкоски побара оставки од министри, намалување на даноците, гасификација на Македонија, како и предновогодишен телевизиски дуел со премиерот Зоран Заев.

Од ВМРО-ДПМНЕ за РСЕ велат дека во земјaта година ипол се случува криминал, корупција и грабеж и, според нив, ова е шанса за власта да ги прифати барањата и за прв пат да направи нешто корисно за граѓаните.

Аналитичари сметаат дека некои од барањата на ВМРО-ДПМНЕ се реални и треба да бидат исполнети, но има и барања кои според нив се спорни, бидејќи партијата можела сама да ги исполни за време на нејзиното десетгодишно владеење.

„Не гледам инсистирање на предвремени избори, така што мислам дека ова повеќе е тенденција за консолидирање на внатрешните редови, отколку што се инсистира на напад на Владата“, коментира политичкиот аналитичар Алберт Муслиу.

Според него, спорно е барањето за гасификација, бидејќи како што вели, владата на ВМРО-ДПМНЕ имала време од 11 години да ја спроведе, но наместо трошење на јавните средства за гасификација или инфраструктура, тие одбрале подолг временски период да инвестираат во проектот Скопје 2014, кој чинеше околу милијарда евра. Муслиу додава: ако и власта и опозицијата се за гасификација, се зголемува можноста тоа да се случи.

„Целиот овој наратив мислам дека нема да биде многу ефикасен, ако за време на тој процес не се саморефлектира во ВМРО-ДПМНЕ за лошото владеење кое беше во минатото и кое кулминираше со бегството на поранешниот претседател и премиер на Владата (Никола Груевски) во Унгарија“, вели Муслиу.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека очекуваат власта да ги исполни нивните барања, доколку има искрена намера нешто да промени и да направи добро за државата.

„Шесте барања на ВМРО-ДПМНЕ, вклучително и барањето за ТВ дуел меѓу претседателот Мицкоски и Заев, се пред се рационални и издржани и барања во насока на подобрување на животот на граѓаните. Очекуваме дека Заев и СДСМ ќе престанат со лицемерноста и доколку им е важна државата и граѓаните, ќе ги прифатат барањата“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски на вчерашниот протест побара оставка на министрите за внтрешни и надворешни работи, а Заев го повика на телевизиски дуел на, како што рече, која било телевизија.

„Веднаш оставка на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски поради мафијашките пресметки и криминалот како и поради претресите во домовите на оние што протестираат со ВМРО-ДПМНЕ. Оставка на министерот за надворешни работи Никола Димитров поради националните омаловажувања на нашиот народ и заради тоа што не нарече искомплексирана нација“, побара Мицкоски.

Муслиу вели оти не гледа причина зошто не би се одржал дуел меѓу Мицкоски и Заев, посочувајќи оти тоа треба да стане стандардна практика во земјата, а во однос на барањето за оставките наведува дека тие треба да се конкретизираат со попрецизни критики.

Најавите на ВМРО-ДПМНЕ се дека секоја среда ќе протестираат пред Владата, а викендите низ други градови во Македонија.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG