Демонстранти маршираа на неколку места околу центарот на Будимпешта, вклучувајќи го и седиштето на партијата Фидес на премиерот Виктор Орбан.
Тие пред парламентот се соочија со полицијата при што дојде до турканици.
Протестите беа против новите закони, донесени во средата.
Мартон Ѓонѓоши, лидерот на опозицициската екстремно десничарската конзервативна партија Јобик по гласањето во парламнетот изјави:
„Фидес не почитува ниту еден закон, па дури ни сопствените. Денешните избори и денешната парламентарна седница беа апсолутно анти-уставни и против парламентарните правила“.
Тимеа Шабо, ко-лидер на опозициската партија Парбесзед пак изјави:
„Ние не застануваме тука, ќе ја искористиме секоја правна опција за поништување на овој закон. Ќе излеземе на улиците и ги повикуваме сите да го сторат истото“.
Со новите закони се исполнуваат барањата на мултинационалните компании како што се германските производители на автомобили, кои сакаат да ги пополнат работните места, бидејќи унгарскиот недостаток на работна сила станува се повеќе акутен.
Меѓу другото со новата легислатива се зголемува бројот на максималните прекувремени работни часови годишно од 250 на 500 часа.
Синдикатите соопштија дека законодавството е еквивалентно на „закон за робови“, бидејќи според нив, ги изложува работниците на експлоатација од страна на работодавачите.
Во меѓувреме, унгарскиот парламент одобри создавање нов систем на судови кои ќе се занимаваат со прашања од јавната управа со што му се дава на премиерот Виктор Орбан контрола врз она што ќе стане многу важен дел од судството.
Според усвоениот закон, министерот за правда ќе го има последниот збор околу именувањето, напредувањето и платите на судиите во новиот систем во кој судовите ќе решаваат за широк спектар на случаи.
Тука се случаите во кои е вклучена полицијата, даночната управа, јавните набавки, локалните власти, изборите и медиумите.
Критичарите наведуваат дека со тоа се доведува под прашалник независноста на судството во Унгарија.
Унгарскиот Хелсиншки комитет соопшти дека новиот систем и овозможува на владата „легално да ги пополни судовите со лојални луѓе“.