Управата за јавни приходи открила даночни обврзници кои ги фалсификуваат даночните пријави со цел да добијат поврат на данокот на додадена вредност. Во неделното интервју за радио Слободна Европа, директорката на Управата, Сања Лукаревска вели дека оваа појава е забележана, а во неа се вклучени и вработени во институцијата.
“Сега имаме случаи во делот на повратот на ДДВ, каде што некои подучени даночни обврзници, исклучиво од страна на наши вработени лица, да прават корекција на ДДВ пријавите и врз основа на тоа да бараат поврат. Тоа е навистина голем проблеми и со тој проблем ќе се бориме понатаму. И со вработените внатре, а и со даночните обврзници”,вели Лукаревска.
Лукаревска апелира дека вработениот кој ќе се обиде да му помогне на некој даночен обврзник, притоа прекршувајќи го законот, треба сериозно да размисли за последиците.
"Јас сум голем поборник да одредени вработени кај нас коишто паралелно функционираат и во Управата и надвор од неа со тоа што даваат консултантски услуги на даночните обрврзници, да бидат санкционирани и тоа постепено го правиме", вели Лукаревска во неделното интервју.
Ваквата појава не е изненадување за поранешниот министер за финасии, Џевдет Хајредини. Сепак тој укажува дека за секое сомневање за вакви злоупотреби и кривични дела треба најпрво да се алармираат надлежните органи на прогонот.
“Прво треба да се идентификуваат точно ваквите појави. Прв чекор е кога ќе има сознанија да се пријави тоа кај надлежните органи и да се поднесе пријава за оние кои фалсификувале книговодствени исправи со цел стекнување имотна корист. Тие даночни обврзници тогаш кривично треба да одговараат,” вели Хајредини.
Според него, доколку оваа појава продолжи може да се предизвикува голема штета на буџетот.
“Тоа го оштетува буџетот, ќе има помалку приходи од ддв-то во буџетот. Во интерес на даночните обврзници е да плаќаат што помалку,” вели Хајредини.
Само конкретни мерки и обвиненија против сторителите на вакви кривични дела можат да ја спречат ваквата појава во иднина и да ги исплашат оние кои само помислиле да фалсификуваат даночни пријави, заклучува Хајредини.
Во меѓувреме, од Управата за јавни приходи велат дека заедно со министерството за финансии редовно ја спроведуваат постапката за поврат на данок на додадена вредност, во законски определениот рок од 30 дена од денот на поднесување на барањето за поврат. Според статистичките податоци, 20.758.054.760 денари се влезени во стопанството заклучно со октомври, преку редовен и неселективен поврат на ДДВ кон фирмите.