По инцидентот без преседан, Русија соопшти дека „употребила оружје“ со цел да спречи украински воени сили, за кои тврди дека илегално влегле во нејзините води.
Украинската морнарица соопшти дека инцидентот се случил во неделата, кога два мали воени бродови и еден друг брод се упатиле низ теснецот Керч, што дава пристап до Азовското Море и што го користат и Украина и Русија.
Украина соопшти дека шестмина нејзини војници се повредени, од кои двајца сериозно, но руската безбедносна служба објави дека само три лица претрпеле повреди и им бил даден медицински третман.
Ваквата конфронтација на море е опасен развој во долготрајниот конфликт меѓу Украина и Русија која ги поддржува бунтовниците на исток од Украина.
Во меѓувреме, украинскиот претседател Петро Порошенко побара од парламентот да гласа за воведување воен закон во земјата за 60 дена.
Оваа мерка, според него, во никој случај не значи дека Украина ќе спроведе какви било офанзивни акции.
„Украина нема планови да се бори со никого. Воениот закон се воведува само за одбрана, одбрана на украинската територија“.
Министерот за надворешни работи Павло Климкин пак оцени дека најновата руска акција била агресија.
„По серијата провокации без преседан, Русија изврши агресија против Украина. Во моментов имаме агресија на територијата на Украина и војна со Русија во меѓународните води“.
Со иста оценка е и командантот на украинската морнарица Ихор Воронченко.
„Кога воени бродови на една земја го попречуваат и блокираат пристапот до пристаништата и крајбрежните зони на друга земја, тоа, според меѓународно право, е агресија. И ова практично е акт на агресија, употребата на нејзините вооружени сили и нејзината федерална служба за безбедност“.
Русија тврди дека водите околу Крим се нејзини и го обвини Киев дека нелегално навлегува во нив.
Според Москва, украинските бродови не успеале да одговорат на „законските барања“ и затоа морало да се реагира.
Руските политичари ја обвинија Украина дека постапува по налог на своите западни сојузници и намерно се обидува да го ескалира конфликтот.
Тој пак, го покрена алармот меѓу западните сојузници на Киев.
„Очекуваме Русија да ја врати слободата на преминување на теснецот Керч и да ги поттикне сите да дејствуваат со голема воздржаност“, се вели во соопштението на Европската унија.
НАТО, исто така, повика на „воздржаност и де-ескалација“ и ја повика Русија да обезбеди непречен пристап до украинските пристаништа во Азовското Море, во согласност со меѓународното право“.