Достапни линкови

За НАТО се важни стабилноста на Македонија и регионот


Делегација на Воениот комитет на НАТО во Скопје
Делегација на Воениот комитет на НАТО во Скопје

Делегација на Воениот комитет на НАТО престојува во Скопје за да ја скенира подготвеноста на земјава за членство во Алијансата. Надлежните велат дека состанокот не е случаен и покажува дека членството на Македонија во НАТО повеќе не е недостижна цел

Неодамна покажавте голем напредок на патот кон НАТО и оваа одлука зависи само од граѓаните и од владата, порача генерал-потполковник Стивен Шепро, заменик претседавач на Воениот комитет на Алијансата кој деновиве престојува во Скопје. Тој се заблагодари на посветеноста и професионалноста на македонските војници кон мисиите на НАТО, а го истакна и напредокот на земјава во воените реформи. Шепро додаде дека Македонија треба да продолжи со реформите и вети тесна соработка на НАТО членките во натамошниот развој на македонските способности во оваа област.

“Покажавте голем напредок на патот кон НАТО и оваа одлука зависи од граѓаните и од владата. Би сакал да изразам голема благодарност за вашата заложба за споделени вредности, за цврста и професионална поддршка на операциите и мисиите на НАТО и за континуираните придонеси на македонските војници кон меѓународната безбедност. Вашата стабилност и стабилноста на овој регион се важни за НАТО”, рече генерал потполковник Шепро.

Тој потенцираше дека посетата на Воениот комитет е важно исто толку колку што беа и посетите на генералниот секретар Јенс Столтенберг.

Министерката за одбрана Радмила Шеќеринска на чија покана се одвива посетата на Воениот комитет во земјава истакна дека овој настан само покажува дека членството на Македонија во НАТО веќе не е недостижна цел.

“Ова е увертира во однос на она што значи наша стратешка цел, а тоа е Македонија да биде на масата на којашто се одлучува за крупните прашања на денешнината. Состанокот е порака дека 29-те земји членки на Алијансата се обединети во поддршката да станеме 30-та членка на НАТО. Состанокот е симбол, но состанокот воопшто не е случаен. Честа не ја добивме, туку ја заслуживме. Ја заслуживме со бројните политички реформи и резултатите што ги испорачавме”, рече Шеќеринска.

Македонија на масата со воените претставници ја претставува генерал мајор Васко Ѓурчиновски. Тој истакна дека Армијата на РМ се труди да ги исполни сите потребни критериуми за членство и дека во текот на годините македонските војници беа рамо до рамо со другите војски во рамките на мисиите низ светот.

“Од оваа година нашата армија го зголеми своето учество во операции надвор од земјата за 20 проценти. Нашата цел е оваа бројка во иднина да продолжиме да ја зголемуваме. Досега околу 4000 припадници на Армијата беа дел од меѓународните мисии за поддршка за мирот и придонесот кон овие мисии останува наш најголем приоритет”, истакна генерал мајор Ѓурчиновски.

Според надлежните ова е историска посета бидејќи за прв пат делегација на Воениот комитет на НАТО доаѓа во земјава во формат на постојана сесија.​ За време на состанокот постојаните воени претставници на Воениот Комитет на НАТО, ќе бидат запознаени со достигнатото ниво во реформите и развојот на способностите кои Армијата на Република Македонија ги реализира согласно Стратегискиот одбранбен преглед со цел поефикасна професионалност и подготвеност за исполнување на условите за членство во Алијансата.

Во текот на утрешниот ден пакво касарната „Илинден“ во Скопје планирана е и вежба за демонстрација на оперативните способности, опремата и техниката на дел од декларираните единици од Здружената оперативна команда.

Инаку Воениот комитет на НАТО е најстаро постојано тело во НАТО, заедно со Северноатланскиот совет. Тој е еден од клучните елементи во воената структура на НАТО составен од началниците (шефовите на одбрана на земјите членки на НАТО).Овој комитет прави воени проценки, планови, прашања и препораки и анализа земајќи ги предвид ставовите на секоја земја членка. Воениот комитет на НАТО, меѓу другото, служи како врска меѓу политичките лидери на НАТО и двата стратегиски команданти. Комитетот на ниво на началницисе состанува три пати годишно, додека воените претставници на НАТО земјите најмалку еднаш седмично.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG