„Собранието со 80 гласа ЗА ја усвои историската одлука – Браната пукна, потече надежта“ – со ваков наслов информира Слободен печат за она што се случи во Парламентот пред некој ден. И со насловните страници во другите изданија во деновите потоа весникот ги отсликува случувањата во Собранието поврзани со обезбедувањето двотретинско мнозинство за да се изгласа одлуката за почнување на обврската што произлегува од Договорот од Преспа.
„Кадровска чистка во најголемата опозициска партија – ВМРО го исчисти ДПМНЕ“ наслови во следното издание Слободен печат.
„ВМРО-ДПМНЕ дели црвени картони“ – наслови Нова Македонија откако Централниот комитет на партијата побара осумтемина нејзини пратеници што го обезбедија двотретинското мнозинство да си дадат оставки од пратеничката функција и ги исклучи од Партијата. Исто како што ги исклучи од членство и потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Митко Јанчев, членот на Извршниот комитет, Константин Богданов, Сашо Мијалков и Никола Тодоров, ја дополнува информацијата истиот весник. Независен наслови: „ВМРО-ДПМНЕ десеткувана во Парламентот – почнаа со 51 пратеник, за сега да се сведат на 39“.
Весниците ја регистрираат и реакцијата на Алијансата на Албанците во врска со предлогот да се формира собраниска комисија за помирување. Зијадин Села, кој за влакно избегна смрт по нападот врз него на 27 април изјави: „Не прифаќаме комисија за помирување. Поединците што ги направија злоделата на 27 април во Собранието треба да сносат одговорност“. Нова Македонија информира дека „Талат Џафери ќе ја предводи комисијата за помирување, се чека одговор од ВМРО-ДПМНЕ“.
Вечер со неколку наслови го цитира претседателот на најголемата опозициска партија од говорот на партиската прослава на 23 Октомври: „Го спасивте Заев од пораз на избори“ – гласи едниот наслов, а во текстот се наведува дека ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе предлог-закон за амнестија на сите учесници во случувањата во македонското Собрание на 27 април. „Помирувањето не значи ослободување од одговорност за криминал“, ја пренесува Вечер реакцијата на СДСМ на барањата за амнестија. „Правда мора да има“ – нагласува владејачката партија во соопштението.
„САД: Тврдењата на Москва за американско мешање во Македонија се лажни и неразумни“ – ја пренесе Нова Македонија реакцијата на американскиот Стејт Департмент по коментарите на руското МНР. Реагираше и македонското Министерство за надворешни работи: „МНР ги отфрла руските наводи во врска со гласањето за уставните измени“ – наслови Нова Македонија: „Овие наводи се објавени со јасна тенденција да се компромитира политичкиот процес од историско значење за РМ и за сите нејзини граѓани“ – го цитира истиот весник соопштението на македонско Министерство за надворешни работи. Овие реакции ги објавија и другите електронски изданија на домашните печатени медиуми.
Со насловите во следните изданија Слободен печат продолжува да ги „слика“ настаните во врска со уставните промени: „БЕСА и Алијансата на Албанците со свои амандмани, можно е да се отворат нови компликации за уставните измени – Што сè ќе се шверцува покрај ’Северна‘?“ – загатнува на насловната весникот. Вечер во насловот оди со детали: „БЕСА бара: Граѓанска држава, албански рамноправен со македонски јазик, само едно вето за претседателот на државата и грижа за дијаспората“. И едно потсетување што го објавија весниците: В недела поместете го часовникот еден час назад, почнува зимското сметање на времето.