На изборите во Босна и Херцеговина за органите на власта на државно, ентитетско и кантонално ниво, се натпреваруваат 7.998 кандидати.
На гласачките ливчиња има 58 политички партии, 36 коалиции и 34 независни кандидати.
Шефот на делегацијата на ЕУ во БиХ, Ларс-Гунар Вигемарк, рече дека е важно да се постигне компромис по изборите за да се формира владaтa што е можно поскоро.
"Се надеваме дека нема да има премногу нерегуларности во овој изборен циклус, се надеваме дека резултатите од изборите ќе бидат почитувани, и оти во краток рок ќе се формира владa и законодавни тела. За да се случи ова, важно е да се постигне компромис, да се изнајде решение кое е прифатливо за сите во БиХ ", рече Вигемарк.
Во 7 часот беа отворени повеќето од речиси 5.800 избирачки места во Босна и Херцеговина, но некаде, како што соопшти изборната комисија, имало доцнења, поради ненавремена подготовка.
„Причините се идентични со она што беше вообичаено и досега на сите избори што се одржаа во БиХ. Подготовките за отворање на избирачкото место не беа направени навреме, член не дошол поради болест, а некои членови немале клуч“, објави на прес-конференција Централната изборна комисија.
Забележани 99 критични ситуации
Коалицијата за слободни и фер избори „Под лупа“, која спроведува граѓанско, непартиско набљудување на општите избори во БиХ, на Фејсбук објави информации за ситуацијата на гласачките места до 14 часот во Босна и Херцеговина.
Според извештајот, до 14:00 часот регистрирани се 240 критични ситуации, од кои 88 се решени.
Претходно на прес-конференцијата во Сараево Коалицијата за слободни избори објави дека денот на изборите на повеќето од избирачките места започнал без големи неправилности, но со бројни технички недостатоци.
Директорот на Коалицијата „Под лупа“, Дарио Јовановиќ, рече дека на едно избирачко место во Добој во едно основно училиште бил фрлен солзавец и оти изборниот процес на ова место е прекинат.
„Процесот на гласање беше суспендиран на гласачкото место во Добој, а во Добој беше фрлен солзавец, а гласањето беше прекинато, колку што знаеме, полицијата беше испратена на ова избирачко место. Коалицијата доби извештаи за прекршување на изборниот молк“, рече Јовановиќ.
Од коалицијата посочија дека до 9 часот, имало 99 критични ситуации, од кои 49 се поврзани со забраната за влез на набљудувачи во избирачките места и оддалечување од избирачките места поради недостаток на комуникација помеѓу различните нивоа на изборна администрација.
Илјадници кандидати
До гласањето доаѓа по изборната кампања, која повеќе се фокусираше на длабоките етнички поделби, отколку на економските проблеми и корупцијата што ја погодуваат оваа балканската држава.
Изборите се спроведуваат без претходна промена на Изборниот закон кој е прогласен за неуставен. Медиумите во државата како проблем го наведуваат и избирачкиот список што не е прочистен.
Притоа повторно се соочуваат со опции речиси идентични на оние за кои гласаа во изминатите 2,5 децении кои таа држава во различни комбинации ја држат заробена во етнички судири, корупција, економска неразвиеност и социјална беда.
На изборните листи се имиња на 7.497 луѓе кои сакаат да бидат дел од власта
Тие се натпреваруваат за членови на Претседателството на БиХ, за пратеници во Парламентот на БиХ, пратеници во Претставничкиот дом на Парламентот на Федерацијата на БиХ, претставници во Народното Собрание на Република Српска, за претседател и двајца потпретседатели на тој ентитет и за пратеници во собранија на десет жупании во Федерацијата БиХ.
Право на глас на изборите имаат нешто повеќе од 3,3 милиони гласачи. Тој податок предизвикува полемика, бидејќи на пописот од 2013 година во БиХ е утврдено дека има околу 3,5 милиони жители.
Според локални медиуми, факт е дека бројот на избирачи расте во секој изборен циклус во БиХ. На изборите во 2000-та година право на глас имале 2,5 милиони регистрирани гласачи и таа цифра денес е зголемена за речиси еден милион.
По гласањето во Босна оваа земја или ќе продолжи да оди по својот пат кон подлабоки евроатлантски врски, или нејзините етнички ривалства дополнително ќе го попречуваат напредокот кон членството во ЕУ и интеграцијата во НАТО. Иако босанската војна заврши во 1995 година, раните од тригодишниот конфликт во кој загинаа околу 100 илјади луѓе и беа раселени околу 2 милиони луѓе, продолжуваат да се појавуваат.
На изборите во 1996 година имаше одѕив од 83 отсто, додека на последните локални избори пред две години учествуваа околу 55 отсто од избирачкото тело.
На изборите 2014 година во трката за бошњачки член на Претседателството на БиХ победи Бакир Изетбеговиќ кој доби поддршка од 247 илјади избирачи, главно Бошњаци, иако во државата живеат речиси 1,8 милиони луѓе со бошњачка националност.
Нешто подобро помина Младен Иваниќ кој доби поддршка од околу 317 илјади гласачи, главно Срби. Според пописот, во БиХ има нешто повеќе од еден милион Срби.
Во БиХ има нешто повеќе од 500 илјади Хрвати, а членот на Претседателството на БиХ од хрватскиот народ пред четири години стана Драган Човиќ за кого тогаш гласаа 128 илјади избирачи.
На сегашните избори ќе бидат и Иваниќ и Човиќ, додека Изетбеговиќ нема да биде во изборната трка, бидејќи законски не е можно да се биде член на Државниот врв во повеќе од два последователни мандата.
Иваниќ ќе има тешка трка со Милорад Додик, кој веќе не може да биде претседател на Република Српска и сега се обидува да освои место во државниот врв.