Милорад Додик побара од парламентот на Република Српска да го повлече извештајот од 2004 година, составен од претходната влада, која го призна масакрот во Сребреница, најголемото крвопролевање во Европа по Втората светска војна.
Тој рече дека извештајот е пристрасен, бидејќи не ги спомнува српските жртви.
„Многу работи се случија пред и по тие јулски денови во 1995 година во Сребреница кои јасно укажуваат дека тоа злосторство е договорена трагедија која доведе до сатанизација на Србите и остварување на плановите на некои западни држави за префрлање на вината врз српскиот народ“.
Додик, кој се залага за поделба на Босна и Херцеговина, а делот со босанските Срби да влезе во Србија, отсекогаш ги отфрлаше пресудите на Хашкиот трибунал дека во Сребреница бил извршен геноцид.
Со оваа иницијатива се согласува Радојка Филиповиќ, шеф на Здружението на жртвите на босанските Срби:
„Мило ни е што некој се сети да покрене ревизија на извештајот на Комисијата за Сребреница од јули 1995 година. Жално е што извештајот преживеа толку многу години каде што се манипулираше со жртвите од редовите на бошњачкиот народ. Крајно време е некој да се сети и за жртвите кај српскиот народ“.
Од друга страна Сехида Абдурахмановиќ, од здружението „Мајките на Сребреница“ вели дека ревизијата на извештајот е срамен и нехуман чин спрема жртвите.
„Секако дека тоа ќе го наруши целиот процес до сега, бидејќи не можеме да дозволиме некој да ги менува бројките на нешто што е дефинитивно и што е така“.
На исто мислење е и политичкиот аналитичар Бошко Јакшиќ:
„Г-дин Додик има намера да го отповика извештајот од Сребреница врз основа на т.н. објективност и јасно е дека тоа ќе предизвика и ќе ги зголеми тензиите во хронично нестабилната Босна“.
Според Јакшиќ, Додик им припаѓа на политичарите од целиот регион кои мислат дека со агресивно промовирање на национализмот можат да останат или да ја освојат власта.
Тој смета декаполитизацијата на Сребреница е во пресрет на октомвриските избори во Република Српска, односно како што вели, „ефтина и неодговорна, но опасна провокација“.
Босанските Срби го зазедоа мнозинскиот муслимански град на 11 јули 1995 година, ги заобиколиле муслиманите во Сребреница и убиле повеќе од 8.000 мажи и момчиња.
Трибуналот на ОН за воени злосторства за поранешна Југославија ги осуди воениот лидер на босанските Срби Радован Караџиќ и неговиот воен командант Ратко Младиќ за масакрот во Сребреница и за други злосторства од војната 1992-1995 година.
Иако Хашкиот трибунал ги означи убиствата во Сребреница како геноцид, Србите никогаш не признаа дека нивните војници го извршиле тоа, а националистичките политичари гледаат на Младиќ и на Караџиќ како на херои.
Инаку, Додик ја има поддршката од Русија за неговите сепаратистички ставови и позиции.