Излезноста во Дебар до 15 часот 22,5 отсто, во Центар Жупа 16 отсто
Референдумскиот процес во општините Дебар и Центар Жупа се одвива без проблеми со зголемена излезност во попладневните часови.
Претседателката на општинската изборна комисија во Дебар, Елмира Бакали, информира дека излезноста на референдумот до 15 часот е 22,5 отсто.
Во општина Центар Жупа до 15 часот гласаа 1.066 лица или 16 отсто од вкупно запишаните 6.686 граѓани, изјави Еран Зубер, претседател на ОИК-Центар Жупа.
МОСТ - Гласањето без проблеми, регистрирани неколку технички предизвици
Граѓанската асоцијација МОСТ денеска соопшти дека одѕивот на гласачите до 13 часот на референдумот е 16 отсто, со маргина на грешка од +/- 0,32 отсто.
МОСТ наведува дека од набљудувачите и регионалните координатори на МОСТ добиени и потврдени се неколку информации за неколку за технички проблеми.
91-но годишната Велика Новевска од општина Новаци, е една од највозрасните што гласаа денеска на референдумот. На гласачкото место таа се појави заедно со снаата која пак со штаки дојде на гласање зашто ја имала повредено ногата.
„За години не прашувајте, деведесетката ја заминав, но должност ми е да си го остварам своето гласачко право. Гласаме и за помладите и за нас да биде добро“, рече баба Новевска.