Достапни линкови

Руски хакери во битка меѓу православните цркви


Поглаварот на православните Вартоломеј, цел на руски хакери
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:56 0:00

Поглаварот на православните Вартоломеј, цел на руски хакери

Руските хакери кои во минатиот месец беа обвинети од американскиот специјален обвинител Роберт Мулер неколку години се обидувале да им ја украдат приватната кореспонденција на некои од највисоките христијански православни лица во светот, објави Асошиетед прес. Тоа е само уште една илустрација за борбата меѓу Киев и Москва околу религиозната иднина на Украина. Московскиот Патријарх Кирил од денеска е во Истанбул во обид да ја спречи поделбата.

Главна цел на хакерите им биле помошниците на Вселенскиот Патријарх Вартоломеј I, кој често се опишува како прв меѓу еднаквите православни поглавари во светот.

Патријархот чие седиште е во Истанбул во моментов е под украински притисок за да ја одвои црквата на таа земја од нејзиниот сојуз со Руската православна црква, стар над 1030 години.

Ова пак, е предизвикано од вооружениот конфликт меѓу украинските воени сили и проруските сепаратисти во источна Украина.

Доказите дека највисоките православни свештеници биле цел на руската главна дирекција за разузнавање (ГРУ), потекнува од списокот на 4.700 адреси што и биле доставени на новинската агенција Асошитед прес од Secureworks, подружница на Dell Technologies.

Патријархот Вартоломеј има ексклузивно право да го даде таканаречениот „томос на афтокефалност“, односно на целосна црковна независност што всушност ја бараат Украинците.

Тоа би било значаен чекор кон поделба на најголемата светска православна доминација и ќе претставува удар врз моќта и престижот на Московската Патријаршија, која самата се позиционира како водечки играч во глобалната православна заедница.

Кирил Ховорун, православен теолог од Украина, вели дека таквиот развој ќе биде голем проблем за Москва.

„Овој мотор на агресија е хибриден по својата суштина. Тој комбинира религиозни и политички елементи и затоа велам, луѓето беа изненадени од фактот што религијата и црквата придонесоа за агресијата“, вели Хаворун.

Дмитриј Орешкин, политички аналитичар со седиште во Москва, пак додава:

„Ако во Украина се појави посебна независна црква, таму зборовите на московскиот Патријарх нема да значат ништо. Ќе биде отфрлен идеолошки, а тие ќе формираат сопствена верзија на Православието“.

Украинскиот претседател Петро Порошенко во април беше во Истанбул за да го убеди патријархот да се согласи на поделба, што тој го опиша како „прашање на украинската независност и украинската национална безбедност“.

„Властите на Украина нема да се мешаат во чисто внатрешни црковни прашања, но сепак ќе истакнам дека и на други држави нема да им биде дозволено да го сторат тоа“.

Во меѓувреме, Руската православна црква соопшти дека нема информации за хакирањето додека руските власти упатуваат на претходните негирања на Кремљ дека нема ништо со хакерите и покрај планината докази за спротивното.

Шпионските игри отсекогаш биле дел од рускиот православен свет.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG