Политичките аналитичари се поделени околу етичката оправданост на вработувањата во последниот период, за кои опозицијата обвинува дека се партиски и спротивни на закон. Владејачката СДСМ тврди дека претстојниот референдум не е причина за новите вработувања, образложувајќи дека законските прописи коишто се однесуваат на референдумот се различни од прописите коишто се однесуваат за спроведување избори, односно дека за време на референдум владата работи нормално, сите обврски ги извршува тековно и нема никакви застои и законски ограничувања. Ова, според владејачката партија, се однесува и за огласите за нови вработувања.
Универзитетскиот професор Јонус Абдулау од Универзитетот на Југоисточна Европа вели дека не е толку спорен моменталниот период за нови вработувања, туку кадарот кој се вработува.
„Вработувањата во овој момент не само што не се етички оправдани, туку сметам дека конечно партиите треба да се надвор од таа политика на вработување. Партиите не се бироа за вработување, туку институциите треба да бидат одговорни за спроведување на мерит-системот. Не треба да се вработува по партиски клуч. Новите вработувања треба да се за квалитетни кадри кои ќе издејствуваат влез во Европската унија“, вели професор Абдулау.
Професор Темелко Ристески, пак, не гледа нешто неетичко и неморално во вработувањата во предреферендумскиот период.
„Гледајќи ја работата од аспект на целта којашто се сака да се постигне, а целта е длабоко етичка, да успее референдумот, не гледам што e неетичко во таквите вработувања, дури и да се насочени кон тоа да се добијат повеќе поени кај граѓаните за да излезат на референдум и да гласаат. Друга е ситуацијата кога би се работело за парламентарни избори, па власта да ја злоупотребува својата позиција и вработува,.Се работи за две сосема различни работи“, вели Ристески.
Но и Ристески додава дека власта мора да биде внимателна кого вработува и потенцира дека стручноста и квалитетот треба да бидат пресудни во изборот на најповолниот кандидат.
„Пред сè треба да се внимава на квалитетот, да се вработуваат квалитетни луѓе. Тука нема дилема, треба да се вработуваат стручни луѓе и основен критериум треба да биде стручноста“, вели Ристески.
Абдулау истакнува дека несоодветните кадри во државната администрација може да се одрази негативно на извештајот на Европската комисија за напредокот на нашата земја.
„Таквите последици можат да го пролонгираат почетокот на преговори за членство во ЕУ, можат да ни го одолговлечат и онака долгиот период. Но, грешките ги прават партиите кои или се сега на власт или биле и претходно и ги правеле истите грешки“, додава Абдулау.
Опозицијата обвинува дека откако е распишан референдумот, власта тргна во партиски вработување на 6.000 лица спротивно на закон, на државен товар. Иако сега не се работи за избори, според ВМРО-ДПМНЕ намерата на власта е иста, а тоа е да се влијае на резултатот преку поткуп на гласачи.