Фокус – Референдумот се урива и со скандали
„Ќерка и татко ја тресат фотелјата на министерот Филипче“ е насловен текстот во најновиот број на Фокус по најновата афера во здравството со набавка на лекови на скопската Клиника за хематологија од веледрогеријата „Пановски“. Авторката на текстот наведува дека директорката на клиниката Ирина Пановска – Ставридис се иззема од одговорноста, зашто таа не одлучувала за набавките, но со тоа не се решава конфликтот на интереси, заклучува неделникот.
„Референдумот не се урива само со бојкот, туку и со корупциски скандали“, порачува во коментар Фокус во врска со оваа најнова афера поврзана со министерот за здравство Венко Филипче. „И оваа власт се прави мутава за некои етички норми, небаре конфликтот на интереси кога си во опозиција има една, а кога ќе се добереш до власт сосема друга дефиниција“, забележува авторката на текстот за да потсети: „Кога кумови, браќа, тетки, балдаски и свекрви на функционери од ДПМНЕ лапаа тендери, сè им беше скандалозно. Е сега, и ќерка на татко да даде тендерче, сè е согласно законот. А со етиката?“ – прашува Фокус.
Капитал - Ако почнувате стартап фирма морате да се внесете целосно во тоа
Двобројот на неделникот Капитал донесува интересна и полезна приказна за оние што сакаат да тераат свој бизнис. „Сè уште правам лично испораки еднаш на секои две недели. Сакам да знам што мислат доставувачите, потрошувачите... Секоја работа во мојата фирма сум ја работел и мислам дека тоа е непроценливо искуство“ – гласи една мисла на Вилијам Шу, ко-основач и извршен директор на британската компанија за онлајн достава на храна, „Деливеру“. Фирмата ја основал во 2013 година со другарот од детството и софтверски инженер, Грег Орловски. На почетокот Шу бил првиот доставувач на храна во првите осум месеци со цел да ги разбере потребите и искуството на потрошувачите. Компанијата почнала брзо да расте и по првите две години работење во Лондон, се проширила до Париз, Берлин и Даблин. „Деливеру“ денес е една од најбрзо растечките стартап компании, која минатата година има активности во 12 земји и во 160 градови, а нејзината вредност се проценува на околу 2 милијарди долари. „Ако почнувате стартап фирма морате да се внесете целосно во тоа. „Не може преку недела да имате една работа, а за викенд да правите стартап. Тоа е единствениот начин да се успее“, советува покрај другото успешниот Вилијам Шу, кој претходно работел како аналитичар и инвестициски банкар во реномирани британски компании.