Со месеци преку прес конференции траат политичките препукувања помеѓу ДУИ и градоначалникот на Гостивар, Арбен Тарвари од партијата Алијанса на Албанците, па така сите го бараат виновникот за лошите услови за живеење во градот, а проблемите стојат нерешени. Двете политички страни обвинуваат и критикуваат дека не се работи или пак дека тоа што е сработено е надвор од законските рамки.
Таравари како нов градоначалник во првите три месеци од годинава ја водеше кампањата „Вистината за ДУИ“. Објавуваше документи и податоци со кои упати низа забелешки за нелегално работење и погрешни чекори во раководењето со градот на претходникот Невзат Бејта.
Најмногу негативни ефекти од политичкиот судир имаше поради недоразбирањата во Советот каде ДУИ го има мнозинството и раководната функција. Расправиите околу буџетот беа причина да нема усогласување на ставовите до потребниот рок па наместо до крајот на 2017-та се донесе дури на крајот на март во 2018 година.
Градоначалникот Арбен Таравари тврдеше дека мнозинството во Советот и ДУИ му прават опструкции со цел да не може квалитетно да ја менаџира општината.
„Тој буџет што се изгласа, се изгласа на променет начин сè со цел да се спречи работата на Таравари во Гостивар. Целта на мнозинството во Гостивар и на централната власт е како да се спречи Таравари, како да биде тој неуспешен. Од планираните средства што беа по програма од 2017-та за 2018 година беше 12 милиони за привремени вработувања. Толку и ставивме во буџетот и по инсистирање на СДСМ и ДУИ тоа беше скратено на една четвртина“, изјави Арбен Таравари.
Летово, преку неколку прес конференции огранокот на ДУИ го обвинуваше градоначалникот Таравари. Конкретно ги насочуваа забелешките кон него дека дозволува никнување на дивоградби и со тоа создавање урбанистички хаос.
„Го повикуваме Таравари да го прекине годишен одмор започнат од денот кога е избран за градоначалник. Да го прекине летниот одмор започнат со започнувањето на летото и да го прекине неговиот ангажман како лекар спротивно на сите етички, морални и законски норми и да почне да ја извршува должноста за која е избран. Го повикуваме Таравари со неговиот тим да почнат да изработуваат детални урбанистички планови и да им овозможат на граѓаните да градат согласно законските правила, а не да го стимулира урбанистичкиот хаос“, изјави Башким Хасани, потпретседател на огранокот на ДУИ во Гостивар.
Во изминатиот период централната власт му ги одзеде ингеренциите на градоначалникот Таравари во образованието. Така директори на училишта се именуваат од Министерството кое сега го раководи ДУИ.