Достапни линкови

Справувањето со дивоградби во Тетово оди бавно


Дивоградба во Тетово
Дивоградба во Тетово

Тетовци барат од општината побрзо да реагира во случаи на дивоградби и да ги урива. Од општината велат дека прво ќе се справатат со нелегалните објекти на јавни површини, па потоа оние за кои има граѓански спорови.

Несогласувањата меѓу соседи околу градењето објекти во Тетово често пати резултира со обвинувања до општината за незаконско постапување. Во таквите случаи претежно едната страна смета дека општината несоодветно им одобрила на соседите да градат нов објект или нешто слично.

Самишериф Јакупи од населбата Дреновец вели дека негов сосед при градба му создава проблеми во куќата, па ја посочува локалната власт дека долго време не презема мерки.

„Дивоградба, со еден ѕид што ми го ставил без изолација, без стандард. На мое место. Сега влага имам во куќата. Целата куќа е расипана. Општина ми прави далавера. Година и пол ми прави далавера“, вели Самишериф Јакупи.

Во центарот на Тетово, проблем со соседот има Фарук Гани. Вели дека соседот почнал да гради објект залепен до неговата куќа, иако порано не било така. Исто така смета дека општинските инспектори несоодветно реагирале на неговите жалби.

„Тука немало постоечки објект, ова е нова маркица, досега немал залепен објект до нас. Сега ова се лепи без наша согласност. Ние поднесовме жалба, но не ја усвоија. Ни ја препраќаат жалбата после седум месеци, а мислам дека за тоа се потребни, пет или 10 дена. Треба да ни образложат“, изјави Фарук Гани.

Градоначалничката на Тетово, Теута Арифи изјави дека се обидуваат да ги решат проблематичните урбанистички предмети во градот. Прва цел им се нелегалните објекти на јавни површини, па потоа оние за кои има граѓански спорови. Минатата година проблем за дивоградбите беше што немаше фирма да ги урива, сега пак, таа вели дека тоа е направено во неколку случаи.

„Исто така во процедура сме за повеќе други објекти. За нас е најголем приоритет јавната површина, но исто така и следењето на ситуациите со другите незаконски објекти. Фирма има, инспекторите работат, така што секој кој сака, има идеа, има проект за градење уредно да се пријави во секторот за урбанизам да си добие дозвола за градба“, рече Теута Арифи.

Покрај предизвикот да се справи со нелегално изградените нови објекти, општина Тетово во иднина треба да донесе и Генерален урбанистички план. Последниот е направен пред 16 години во 2002-та.

XS
SM
MD
LG