„Не сме склучиле договор, постапката е во фаза на еваулација“, изјави на прес конференција министерот за здравство, Венко Филипче откако во некои медиуми излегоа информации дека на тендерот за реагенси вреден 35 милиони евра се јавила и добила само една фирма формирана пред четири месеци.
На нашата ФБ страница, барем засега, само еден пост од Драган Георгиевски: „Грев е да ти коментирам... ОГЛЕДАЛО“. А изјавата на вицепремиерот Кочо Анѓушев, исто така прозван од јавноста дека фирма во која тој има сопственички удел добила над 160 илјади евра од владината Програма за економски раст и дека не гледа причина вработените во компаниите во кои има удел да бидат дискриминирани поради неговата функција „собрала“ огромен број негативни коментари од нашите посетители, дури и размена на мислења помеѓу Зоран Кирковски и Дамјан Делковски. Првиот постирал: „Ооо, не гледал. Зашто тоа во нормалниот свет се вика конфликт на интереси и корупција...“ Дамјан Делковски вели: „Во зимски сон ли бевте кога Мијалков ја купи цела Македонија со голем труд стекнатите пари... уупс со нашите пари“. „И што сега, ако Мијалков правел, ај сега оправдање и овие да прават. Нит старите ги осудија, а си продолжија и они, слатко им се виде“, одговара Зоран Кирковски. Владимир Ивановски му препорачува на Анѓушев „да постави забрана за да си го исчисти образот. И самиот вели дека во минатото премногу глупости се случувале на ова поле и никој веќе нема доверба во тоа што го зборува“. Ертан Шеху пишува: „Си требал да не се кандидираш за позицијата во која си, сите знаеме дека не треба да се дозволат БИЗНИС ИЗЛЕТИ од овој тип и тогаш не би дошло до ваква реакција“.
А по острата реакција на ВМРО-ДПМНЕ дека владејачката партија си правела „нелегални тендери и донации кога целата јавност е свртена на прашањата околу името и ќе си лежи Анѓушев за судир на интереси“, Дени Владиков постирал: „Вмровциии... збудалевте, не знаете кај терате“.
И две писма предизвикале куп реакции на нашата ФБ страница. Она од 40-темина европски и американски интелектуалци со поддршка за Договорот за името и од унгарскиот премиер Орбан, исто така со поздрав до премиерот Заев за договорот со Грција. Многумина бараат интелектуалците да се објават со име и презиме, како што постирал Славко Буџакоски кој на РСЕ ѝ забележува дека пренесувала „батал вести“. Голем број од оние што постирале не веруваат дека Виктор Орбан испратил такво писмо и го посакуваат тој да бил во Македонија оти бил „политичар, а не багра како ние што имаме“, напишал Никола Деков. И Драган Станојоски, исто така. Заборавајќи дека Орбан го осудува цела Европа за кршење на човековите права, за задушување на слободната мисла и слободата на медиумите, како и за одбивањето Унгарија да прими бегалци од блискоисточните земји...