Достапни линкови

Вести

Словенија поднесе тужба против Хрватска

Знаме на Хрватска
Знаме на Хрватска

Словенечката Влада денеска пред Европскиот суд на правдата во Луксембург поднела тужба против Хрватска поради неспроведување на одлуката на арбитражата за нивната меѓусебна поморска граница во Пиранскиот Залив.

Тужбата е поднесена врз основа на член 256 од Лисабонскиот договор, според кој, земја членка на ЕУ може да поднесе тужба против друга членка поради прекршување на законите на Унијата.

Љубљана е уверена дека со одбивањето да ја спроведе арбитражната одлука за границата од 29 јуни 2017 година, Хрватска ги прекршила принципите за владеење на правот, ги поткопува заложбите на Словенија за спроведување на законите на ЕУ и ги крши шенгенските правила, стои во соопштението.

Хрватска не ја признава арбитражната одлука, сомневајќи се во непристрасноста на арбитражата и бара двете земји спорот да го решат со билатерален договор. Словенија, пак, инсистира на почитување на одлуката на арбитражата, став кој го поддржува и ЕУ.

види ги сите денешни вести

Летонија: Оптички кабел под Балтичко море веројатно е оштетен од „надворешно влијание“

Евика Силина, премиерка на Летонија
Евика Силина, премиерка на Летонија

Подводниот кабел со оптички влакна меѓу Летонија и Шведска беше оштетен во неделата, на 26 јануари, веројатно како резултат на надворешен удар, јави Ројтерс.

Морнарицата на Летонија испратила патролен брод за да го прегледа бродот за кој се сомнева дека е вклучен во предизвикувањето штета на кабелот.

Два други брода во областа исто така беа под истрага, соопшти летонската морнарица.

„Утврдивме дека најверојатно има надворешна штета и дека е таа е значителна , изјави летонската премиерка Евика Силина по вонредната владина седница.

Летонија се координира со НАТО и со земјите од регионот на Балтичкото Море за да се разјаснат околностите, напиша Силина во посебна објава на социјалната мрежа Икс.

Шведскиот премиер Улф Кристерсон изјави дека неговата земја тесно соработува со Летонија и со НАТО за ова прашање.

„Шведска ќе придонесе за тековните напори за истрага на сомнителниот инцидент“, напиша Кристерсон на мрежата Икс.

НАТО минатата недела соопшти дека ќе распореди фрегати, патролни авиони и поморски беспилотни летала во Балтичко Море за да помогне во заштита на критичната инфраструктура и да го задржи правото да преземе акција против бродовите за кои постои сомневање дека претставуваат закана за безбедноста.

Воената алијанса презема акција, наречена „Балтичка гарда“, по серијата инциденти во кои беа оштетени енергетски кабли, телекомуникациски врски и гасоводи по руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.

Финската полиција минатиот месец заплени танкер со руска нафта и соопшти дека се сомнева дека бродот го оштетил финско-естонскиот далновод Естлинк 2 и четирите телекомуникациски кабли влечејќи го сидрото на морското дно.

Кабелот што пукна во неделата го поврзува летонскиот град Вентспилс со шведскиот остров Готланд и беше оштетен во ексклузивната економска зона на Шведска, соопшти латвиската морнарица.

Портпаролот на шведската управа за пошта и телекомуникации рече дека е запознаена со ситуацијата, но нема дополнителни коментари.

Шведската морнарица и крајбрежната стража не одговориле веднаш на барањата за коментар на инцидентот.

Српското собрание на 29 јануари ќе расправа за гласање доверба на владата, најави Брнабиќ

Србија - Ана Брнабиќ, претседателка на Собранието на Србија, 15 јануари 2025 година.
Србија - Ана Брнабиќ, претседателка на Собранието на Србија, 15 јануари 2025 година.

Претседателката на српското Собрание Ана Брнабиќ потврди дека на 29 јануари ќе биде закажана вонредна седница на Парламентот и дека ќе се расправа за гласање доверба на Владата.

Брнабиќ за ТВ Прва изјави дека е јасно дека Владата на Србија има доверба, но дека пратениците од мнозинството ќе обезбедат кворум за таа дискусија.

Таа додаде дека „детинесто што некои пратеници кои ја побараа таа дискусија, одлучуваат да не учествуваат во неа“.

„Утре имаме колегиум и тогаш ќе слушнам дали некој сака да учествува во работата или не“, рече Брнабиќ и додаде дека блокирање на парламентот нема да биде можно.

Брнабиќ изјави и дека за неа најважно е пратениците да го донесат законот за станбени кредити за млади, што Владата го испрати во собраниска процедура.

Опозиционерите на 15 ноември до Собранието поднесоа предлог за изгласување недоверба на премиерот на Србија, Милош Вучевиќ.

Предлогот што го потпишаа 71 пратеник од опозицијата е испратен по смртта на 15 лица при падот на натстрешницата на Железничката станица во Нови Сад, а како причини се наведуваат „неискористување на надлежноста и неизвршување на должноста за утврдување одговорност“.

Претседателката на Собранието тогаш не ја закажа седницата, наведувајќи дека претстои седница за државниот буџет и дека таа во политичка смисла „може да се гледа како седница за доверба на Владата“.

За гласање недоверба на Владата е потребно мнозинство од вкупниот број од 250 пратеници.

Опозициската Демократска партија најави бојкот на Собранието. Лидерот на партијата, Срѓан Миливојевиќ за агенцијата Бета изјави дека партијата одговорила на повикот на студентите за генерален штрајк и дека во моментов тоа е најефективната алатка во борбата против „мафијата и криминалниот режим“.

Студентите кои ги блокираат факултетите ширум Србија бараат политичка и кривична одговорност за падот на настрешницата, но не и промена на власта.

Владините претставници тврдат дека се исполнети сите услови и ги повикуваат студентите да ги отворат факултетите.

Академиците, пак, велат дека барањата се делумно исполнети и дека прекинот на работата на факултетите продолжува до дополнително известување.

Украина презеде одговорност за напад со дрон врз руска нафтена рафинерија

Илустрација
Илустрација

Украина презеде одговорност за напад со беспилотно летало вечерта меѓу 25 и 26 јануари врз руска рафинерија јужно од Москва, јави агенцијата АФП.

Тоа е втор напад на истата локација за помалку од две недели.

Украинската армија соопшти дека „одбранбеното разузнавање на Украина повторно ги погодило објектите на рафинеријата „Рјазан“.

Рафинеријата „Рјазан“ е една од четирите најголеми во Русија и ја користат московските воздушни сили.

„Експлозии и пожар беа регистрирани во целната област“, се вели во соопштението од украинската армија, пренесе АФП.

Регионалниот гувернер во Рјазан, Павел Малков, рече дека руската воздушна одбрана „уништила“ беспилотни летала над регионот и дека властите ја проценуваат штетата.

Украина постојано се обидува да ја нападне руската нафтена инфраструктура-која финансира значителен дел од воената економија на Русија.

Израел го обвини Хамас за две прекршувања на договорот за прекин на огнот

Газа - Палестинците чекаат да им биде дозволено да се вратат во своите домови во северна Газа, откако беа раселени на југ, 26 јануари 2025 година.
Газа - Палестинците чекаат да им биде дозволено да се вратат во своите домови во северна Газа, откако беа раселени на југ, 26 јануари 2025 година.

Израел ја обвини палестинската група Хамас, означена за терористичка од Соединетите Американски Држави(САД) и од Европската унија (ЕУ), за две прекршувања на договорот за прекин на огнот, оправдувајќи ја забраната за раселените жители од јужниот дел на Појасот Газа да се вратат на север, јави агенцијата АФП.

Арбел Јехуда, израелски цивил чие ослободување Израел го бараше во саботата, не е ослободен, а списокот што укажува на состојбата на заложниците што требаше да бидат ослободени во првата фаза не е доставен, соопшти кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Одделот за заложници во кабинетот на премиерот за ова ги информираше семејствата на заложниците, пренесе АФП.

Во соопштението се додава дека се очекува „Хамас да постави пречки и да продолжи со маневри за психолошка војна на патот кон спроведувањето на договорот“, но оти Одделот за заложници е решен да обезбеди враќање на сите заложници, и живи и мртви.

Милитантите на Хамас во саботата предадоа четири израелски жени- војници, а за возврат Израелослободи 7 0 Палестинци од затвор како дел од договорот за прекин на огнот што стапи на сила минатата недела.

Во првата фаза од прекинот на огнот, кој ќе трае 42 дена, треба да бидат ослободени 33 заложници од Појасот Газа во замена за 1.900 Палестинци од израелските затвори.

Во војната на Израел против Хамас во Појасот Газа загинаа повеќе од 47.280 Палестинци, според здравствените власти на палестинската територија.

Војната започна по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, при што беа убиени околу 1.200 луѓе и беа земени околу 250 заложници.

Маск преку видеолинк се обрати на собир на германската десничарска партија АфД

Германија - Елон Маск на предизборниот собир на АфД во Хале, Германија, 25 јануари 2025 година.
Германија - Елон Маск на предизборниот собир на АфД во Хале, Германија, 25 јануари 2025 година.

Американскиот милијардер Елон Маск преку видеолинк ѝ даде поддршка на екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија (АфД) на централниот предизборен собир во градот Хале, Германија, каде за февруари се закажани предвремени парламентарни избори, јави агенцијата АФП.

„Во ред е да се гордееш што си Германец. Бори се за светлата иднина на Германија“, рече најбогатиот човек на светот пред неколку илјади собрани поддржувачи на АфД. Маск ја повтори својата поддршка за партијата, за која рече дека претставува „најдобра надеж за Германија“.

Во својот говор, милијардерот ја пофали „германската нација, која датира илјадници години наназад“, пренесе АФП. Според него, актуелната влада „агресивно ја задушува слободата на изразување и поради тоа АфД мора да се бори за самоопределување на Германија и на земјите од Европа“.

Маск ги коментираше внатрешната политика во Германија и во другите европски земји во последните неколку недели преку изјави на својата платформа Икс (поранешен Твитер), со кои отворено ја поддржува АфД.

Антимигрантската партија е на второто место во анкетите за парламентарните избори на 23 февруари со околу 20 отсто поддршка, зад конзервативната ЦДУ/ЦСУ (Христијанско-демократска унија и Христијанско-социјална унија), која ја поддржуваат околу 30 отсто испитаници.

Маск претходно го нарече социјалдемократскиот канцелар Олаф Шолц „лудак и неспособен имбецил“, а претседателот Франк-Валтер Штајнмаер – тиранин, потсетува АФП.

Претседателски избори во Белорусија, се очекува седми мандат на Лукашенко

Белоросија - белорускиот претседател Александар Лукашенко гласа на претседателските избори, Минск, 26.01.2025 година.
Белоросија - белорускиот претседател Александар Лукашенко гласа на претседателските избори, Минск, 26.01.2025 година.

Во Белорусија денеска (26 јануари) се одржуваат претседателски избори, на кои се очекува претседателот Александар Лукашенко неприкосновено да освои седми мандат, продолжувајќи го неговото тридецениско авторитарно владеење, јави агенцијата АФП.

Лукашенко од 1994 година е на власт во изолираната Белорусија која е сојузничка на Москва.

Избирачките места беа отворени во 8 часот. Тоа е прво гласање за претседател откако Лукашенко ги потисна масовните протести против неговото владеење во 2020 година. Оттогаш тој дозволи Москва да ја користи белоруската територија за да ја нападне Украина во 2022 година, пренесе АФП.

Опозицијата и Западот рекоа дека Лукашенко ги наместил последните избори, а властите ги разбиле демонстрациите, при пшто повеќе од илјада луѓе сè уште се во затвор.

Сите политички противници на Лукашенко се или во затвор или во егзил заедно со десетици илјади Белоруси кои избегаа од 2020 година.

Во предизборието, администрацијата на Лукашенко помилува околу 200 политички затвореници. Но, поранешни затвореници „Франс прес“ изјавија дека ослободените се под близок надзор на безбедносните служби и не се во состојба да водат нормален живот.

Обединетите нации проценуваат дека околу 300.000 Белоруси ја напуштиле земјата од 2020 година, главно во Полска и Литванија, од вкупно девет милиони жители на Белорусија. Тие нема да можат да гласаат, бидејќи Белорусија го укина гласањето во странство.

Протераната опозициска лидерка Светлана Тихановскаја го осуди гласањето како „фарса“ во јануарското интервју за АФП.

Додека Лукашенко претходно внимателно ги балансираше односите меѓу Европската унија и Москва, од 2020 година тој политички и економски се потпира на Русија.

Сообраќајот по влажни коловози, магла на неколку патни правци

Илустрација
Илустрација

Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, соопштија од Авто-мото Сојузот на Македонија.

Намалена видливост од 50 до 100 метри поради магла има на патните правци Демир Капија и Петровец – Велес.

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Денеска облачно и магливо, од среда дожд

Северна Македонија - магла на кејот на Вардар, Скопје, 3 јануари 2025 година.
Северна Македонија - магла на кејот на Вардар, Скопје, 3 јануари 2025 година.

Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а по котлините со магла и со ниска облачност. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 3, а максималната ќе достигне од 8 до 16 целзиусови степени, соопштија од Управата за хидрометеролошки работи (УХМР).

Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, наутро со магла и претежно тивко.

Во наредните денови ќе продолжи периодот на стабилно, а особено на повисоките места и на планините и релативно топло време. Висината на снежната покривка позначително ќе се намалува од средината на следната недела.

Повремени врнежи од дожд претежно во западните делови ќе има од среда.

Стотици мотоциклисти во Белград ги поддржаа студентите на блокадите

Србија - Мотоциклисти возат за поддршка на белградските студенти, Белград, 25 јануари 2025 година.
Србија - Мотоциклисти возат за поддршка на белградските студенти, Белград, 25 јануари 2025 година.

Неколку стотици мотоциклисти учествуваа во хуманитарно возење низ Белград во знак на поддршка на студентите кои ги блокираа факултетите во саботата на 25 јануари.

„Тука сме да ги поддржиме студентите во тоа што тие го прават веќе некое време. Тука сме да се бориме за безбедна и слободна Србија“, изјави еден од мотоциклистите за Радио Слободна Европа.

Мотоциклистите им испратија посебна поддршка на студентките кои беа повредени за време на претходните студентски протести. Дваесетгодишна студентка беше тешко повредена на 16 јануари во центарот на Белград, кога во неа удри автомобил за време на блокада на раскрсница.

За време на протестот на 24 јануари беше повреден дваесет и петгодишен студент, кога автомобил налета на демонстрантите за време на протестот во Белград.

На дел од транспарентите што ги носеа пишуваше „На пат кон подобра иднина“ и „Нема да ги газите“.

Студентите во Србија повеќе од два месеци ја блокираа работата на повеќе од 60 факултети, барајќи одговорност за смртта на 15 лица во падот на настрешница во Нови Сад на 1 ноември 2024 година.

Истовремено, на повик на студентите кои ги блокираат факултетите, речиси три месеци се протестира низ државата.

На 24 јануари имаше „генерален штрајк“ - акција во која се вклучија бројни бизнисмени, просветни работници, културни работници, адвокати, кои престанаа со работа во знак на протест.

Папата повика на ослободување на сите „неправедно затворени“ новинари

Ватикан - Папата Франциск, 9 март 2024 година.
Ватикан - Папата Франциск, 9 март 2024 година.

Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск, објави порака во која повика на ослободување на сите „неправедно затворени“ новинари по повод јубилејот на светот на комуникациите, кој се одбележува од 24 до 26 јануари во Рим.

Папата Франциск најпрво потсети на „сите оние кои биле затворени само затоа што биле верни на своите професии - новинари, фотографи, видеографи, сите оние кои сакале да ги видат настаните со свои очи и да му го пренесат на светот она што го виделе“, јави агенцијата АФП.

Тој оцени дека слободата на новинарите ја зголемува слободата и на сите останати.

„Барам, како што направив во многу претходни прилики и како што правеа моите претходници, да се брани и заштити слободата на печатот и слободата на изразување на мислите, како и основното право на информирање“, рече тој.

Папата ја осуди смртта на „сите оние кои ги жртвуваа своите животи во последната година, една од најсмртоносните години за новинарите“, пренесе АФП.

Еден ден претходно, тој ја осуди новата ера која се карактеризира со „дезинформации и поларизација, ера во која неколку центри на моќ контролираат невидена маса на податоци и информации“, во контекст на контроверзите за улогата на социјалните мрежи во денешниот свет.

Јубилејот на светот на комуникациите е првиот голем настан на Светата година. По тој повод во Рим се очекуваат илјадници новинари, експерти и комуникациски работници од целиот свет.

Светата година била воведена од Католичката црква во 1300 година и замислена да се слави на почетокот на секој век.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG