Госпоѓа Капобјанко, колку италијански компании се присутни на бизнис форумот во Скопје и дали беше тешко да ги убедите да дојдат во Македонија, а некои од нив и да одлучат да ги инвестираат парите во земјава?
Ако ме прашувате за бизнис форумот, воопшто не беше тешко да се поканат и вклучат италијанските компании во Македонија, затоа што Македонија е во претпристапна фаза за влез во ЕУ. Тоа значи дека во Македонија постојат цела низа на инструменти коишто го олеснуваат процесот на соработка меѓу италијанските и македонските претпријатија, а кога зборувам за тие инструменти, мислам на ИПА и ИПАРД на Европската Унија, коишто ја овозможуваат и ја олеснуваат таа соработка. Но, се разбира интересот не постои само за бизнис форумот, туку постои огромен интерес од страна на италијанските компании кои преку секојдневни контакти со нашата канцеларија во Скопје, канцеларијата на Институтот за надворешна трговија на Италија, коишто бараат цела една низа на информации за соработка и во други сектори и коишто се заинтересирани да започнат поконкретна соработка со македонските компании.
Покрај инфраструктурата, енергетиката и животната средина, во кои области постои интерес за инвестирање во земјава?
Веќе остваривме многу успешна активност тука во Македонија, во секторот на оптика и очила, а после летово планираме да реализираме една многу интересна активност наречена Долче Вита којашто ќе биде оперативна во прехранбениот сектор и можам да кажам дека италијанскиот прехранбен сектор е многу познат и популарен во Македонија. Значи кога веќе зборувам за сектори еве да набројам неколку кои покажуваат колку сме ние отворени кон претпријатијата за соработка, на пример Организацијата на технолошки денови, организација на билатерални и трговски средби и три доста значајни сектори во коишто сме активни се градежниот сектор,медицинскиот и уште една која се планира во секторот на голема дистрибуција во прехранбениот сектор.
Како ја оценувате бизнис климата во земјава, односно кои се слабостите, а кои предностите кои ги забележуваат италијанските фирми?
Денеска најголемите проблеми се сретнуваат во секторот на недоволно транспарентни процедури и постапки, но со напорите на новата Влада и со имплементацијата на пакетот мерки за економски развој тие пречки се надминуваат успешно и овој пакет на мерки за економски развој е еден вид поттик и поддршка на италијанските претпријатија да дојдарт и да оперираат во Македонија. Од друга страна една од позначајните предности што оваа земја ги нуди е даночната политика односно даночните олеснувања, потоа географската положба и најзначајната предност е таканаречениот „филинг“, односно меѓучовечко чувство коешто овозможува одлична соработка и комуникација меѓу двете земји.
Каква очекувате да биде соработката со македонските деловни партнери и дали постои скриен став од евентуален бизнис неуспех?
Не, навистина не можам да кажам дека постои каков било страв од евентуален неуспех. Јас работам тука во оваа канцеларија веќе осум месеци и мојот пристап и впечаток е позитивен. Можам да ве уверам дека постои силен интерес од страна на италијанските претпријатија да дојдат тука и особено многу важна поддршка добиваат и од Канцеларијата на ИЧЕ (Агенција з апромоција на италијанските компании во странство), но и Амбасадата на Италија во Македонија. Ние заедно работиме во една синергија, заеднички при нудењето поддршка на италијанските компании и особено нудиме поддршка во изнаоѓањето на соговорници и евентуални партнери од страна на македонските компании. Друг позитивен впечаток што би сакала да го нагласам е тоа што оваа земја е во претпристапна фаза за влез во Европската Унија што значи дека интересот за инвестирање и работење во Македонија е многу поголем.