Достапни линкови

Неделници - Провизии за лекување во странство и автопати


Архивска фотографија - Градежни активности на автопатот Кичево - Охрид
Архивска фотографија - Градежни активности на автопатот Кичево - Охрид

Фокус пишува дека поранешниот врв на Фондот за здравство договарал провизии со турската болница Медикал парк за да праќа пациенти за лекување таму. Неделникот Капитал, пак, пишува сторија за автопатот Кичево – Охрид што го гради кинеската фирма Синохидро.

Фокус - ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ криминално стопиле повеќе милиони евра од буџетот

Неделникот Фокус на насловната ги најавува истражувачките стории за тоа дека поранешните главешини на Фондот за здравство „Договарале провизија за да испраќаат пациенти во турската болница ’Медикал парк‘ во Истанбул“ на чија сметка само во 2017 година се одлеале 1,5 милиони евра од вкупниот буџет за лекување пациенти во странство, значи, народни пари. Интензивната соработка на нашиот Фонд за здравство со истанбулската болница почнала во 2016 година, а целата шема се одвивала преку директори на сектори во Фондот кои договарале провизија од 10 до 20%!

Инаку, главната тема на насловната на Фокус е насловена: „ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ криминално стопиле повеќе милиони евра од буџетот!“ и фотографиите на лидерите на партиите, поранешниот Груевски и сè уште актуелниот Ахмети. Неделникот наведува дека СЈО отвори истрага против ВМРО-ДПМНЕ која кеширала неколку милиони евра народни пари, а Антикорупциска покренала постапка пред Обвинителството поради тоа што ДУИ се финансирала од буџетот и со средства од јавни претпријатија чии директори биле нејзини кадри.

Инаку, во редовните колумни во Фокус може да се прочита онаа од професор Малески, во врска со преговорите за нашето уставно име, со предлог, како една од најмладите држави во светот, пред меѓународната заедница да се претставиме со името New Macedonia (без превод на македонски), додека во домашна употреба да застанеме зад уставното име Република Македонија (без превод на англиски). „Тоа би биле двете имиња со кои би се претставиле во ОН, како што го имаат сторено повеќе други држави“, пишува колумнистот во Фокус.

Капитал - Синохидро на терен гради само 2,7 километри од автопатот Кичево – Охрид

Во најновиот број на Капитал е сторијата за автопатот Кичево – Охрид што го гради кинеската фирма Синохидро како потсетување на инвестицијата што претходната власт на Груевски ја најавуваше како една од најголемите во македонската инфраструктура. Авторот потсетува на податоците обелоденети од актуелната Влада според кои кинеската компанија ги наплатувала градежните работи за 54 проценти поскапо преку рефактурирање кон Јавното претпријатие за државни патишата. Компанијата Синехидро којашто склучи договор со државата за изградба на овој автопат од 57 км. во вредност од 376 милиони евра, ангажирала уште четири градежни компании како подизведувачи, коишто градат најголем дел од делницата, а во текстот се наведува дека Синохидро на терен гради всушност само 2,7 километри од целата делница. Овој автопат, инаку, требаше да биде готов до крајот на јануари годинава, но теренските проверки покажале дека се готови само половина од работите, а во проектната документација не биле предвидени клучни работи без кои еден автопат не може да функционира. Сега Владата преговара со кинеската компанија за нови, реални цени на градежните материјали, а пролонгирањето заради пропустите и грешките ќе ја зголеми цената на чинење за околу 100 милиони евра. Освен овој автопат, Синехидро има склучено договор со државата за градење и на автопатот Миладиновци – Штип, а за изградбата на овие два авто-пата Македонија се задолжи со кредит од 580 милиони евра од кинеската Ексим банка што ќе треба да се отплаќа во наредните 20 години, потсетува Капитал. Инаку, изградбата на овие авто-патишта беше дел од прислушуваните разговори што ги објави лидерот на тогаш опозиционата СДСМ, во кои екс премиерот Груевски и тогашниот министер за транспорт Јанакиески договараат пет проценти провизија од Кинезите или 25 милиони евра и да се избере токму Синехидро. СЈО отвори посебен случај „Траекторија“ за злоупотреба на службената положба во кој првоосомничен е Груевски, потоа Јанакиески, тогашниот вицепремиер Пешевски и уште еден функционер за земање провизија и местење на работата во корист на Кинезите, и дека го оштетиле буџет за околу 155 милиони евра.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG