Достапни линкови

Дневен печат – Оставки во антикорупциска и владината коалиција на стрес-тест


Горан Миленков додека беше претседател на Антикорупциската комисија
Горан Миленков додека беше претседател на Антикорупциската комисија

Главна тема во дневните весници се оставките на членовите на антикорупциската комисија. Весниците исто така пишуваат за проблемите во владината коалиција поради законот за јазици.

„Петмина од седумте членови на Антикорупциска поднесоа оставки“ – ја најавува Нова Македонија главната вест во речиси сите медиуми, објаснувајќи дека членовите се повлекоа откако пред неколку дена беше објавен извештајот од внатрешната ревизија во кој се наведени сомневањата за исплата на фиктивни патни налози и трошења буџетски пари.

Друга интригирачка вест што ја објавуваат сите медиуми е дека „Владината коалиција е на стрес-тест“ – како што наслови Независен. ДУИ и СДСМ, според овој весник, не можат да се согласат како да помине Законот за употреба на јазиците и со тоа на пратениците од опозицијата да им ја отворат вратата да се вратат во Собранието. Социјалдемократите бараат да му се даде време на дијалогот со опозициската ВМРО-ДПМНЕ , додека ДУИ инсистира директно да се гласа за Законот, а 32-те илјади амандмани на ВМРО-ДПМНЕ да се прогласат за неуставни од страна на парламентарното мнозинство, појаснува Независен. Истиот весник ја пренесува и пораката на Зијадин Села до Али Ахмети: „Ако си маж, излези од Владата!“

Слободен печат на насловната објавува нова политичка „бомба“: „ВМРО-шпионска на чело со Јанкулоска токми ’бомби‘ за Заев?“ Наводно била формирана некаква тајна Аналитичко-безбедносна мрежа, технолошки добро опремена и без знаење на сегашното ново раководство на партијата, за собирање дезавуирачки материјали за актуелната власт на СДСМ кои би можеле да имаат ист разорен ефект како и „бомбите на Заев“.

Инаку, Вечер објави: „Кривичниот суд пресече: на Мијалков нема да му биде вратен пасошот“ како што побара неговата одбрана. Мијалков е обвинет во неколку предмети на СЈО за кои се во тек судски постапки.

Независен објави: „Грчки медиуми: Заев бара да се отвори грчкиот Устав“ за да се види како Грција се грижи за Грците надвор од земјата. Истава вест Вечер ја објави со следниов наслов: „Грците му се налутија на Заев“. „Провокација од Заев – бара да се отвори грчкиот Устав“, и додава дека ова бил само еден од насловите во грчките весници како коментар на изјавата на македонскиот премиер. Прото тема, пак, анализирала дека македонската страна зацврстува одредени позиции и одбива непреведено име, промена на уставот и промена на името за внатрешна употреба.

Како крај на овој преглед, на празникот 8 Март, непријатниот извештај на македонскиот Хелсиншки комитет: „78 проценти од жртвите на физичко насилство во Македонија се жени“, во кој се додава дека состојбата со родовата еднаквост во државата останува само декларативна заложба на властите. Најранливи групи наведени во соопштението на Хелсиншки испратено до медиумите се наведуваат текстилните работнички, жените од руралните средини, Ромките, жените жртви на насилство и жените со попречености.

Слободен печат информира и дека „Наставничките од скопското училиште ’Карпош‘ се откажаа од подароците за 8 Март и прсзникот им го посветија на заболените од ретката болест Вилсон“. Наставничките од тоа училиште испратиле писмо до родителите во кое ги замолуваат планираните пари за подароци да ги наменат за хуманитарни цели за болните од тешката болест.

Независен го објави извештајот на македонската Гранична полиција на граничниот премин „Богородица“: „Годинава без празничен шопинг во Солун“. Имено не бил забележан зголемен сообраќаен промет на преминот, ниту зголемено присуство на автобуси од туристички агенции.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG