Државата треба да ги штити своите граѓани, но и да почитува меѓународни договори кога станува збор за трговските односи со соседите, велат стопанственици по неодамнешниот трговски спор со Србија околу брашното.
Бизнисменот Мендерес Кучи вели дека властите треба да внимаваат како ги носат одредбите.
„Јас не велам да ги привилигираме нашите компании кои не работат според критериуми и кои можеби на друго место треба да ја бараат вината зошто не се конкуренти на пазарот, вклучително и политиките кои државата можеби треба да ги менува кон одредени производи и производители, но никако со агресивни или ексклузивни настапи или мерки коишто би можеле да се косат со потпишаните меѓународни договори, кои не важат само за една земја, туку воопшто. При тоа не треба да заборавиме дека треба да се етаблираме како стабилна држава која генерира вредности и која почитува договори“, вели Кучи.
Македонија и Србија најдоа компромис за неодамнешниот спор околу брашното, кој настана поради измени на Правилникот за издавање на маркици за означување на брашното, откако во земјата дојде српскиот министер за трговија Расим Љајиќ.
Министерот за земјоделство Љупчо Николовски изјави дека проблемот со брашното е последица на нефункционирањето на институциите во земјата изминатите 11 години.
„Клучниот проблем во Македонија последните 11 години е нефункционирањето на институциите, на Инспекторатот, на АХВ и неработењето по процедурите и соодветните протоколи. Токму и еден од заклучоците на состанокот беше воведување засилена интегрирана контрола која треба да ја изградиме и да функционира“, рече Николовски.
Но бизнисменот Кучи посочува дека властите не треба да се „вадат“ на пропустите на претходните власти и на тоа што тие им го оставиле во наследство.
„Треба конечно да се разбудиме и да тежнееме кон она што значи европски стандарди, не случајно и Европа тоа го бара од нас, да покажаме зрелост и како стопанство и како власт. Да не измислуваме вакви или онакви бандероли, туку конкретно според сите стандарди да видиме како може да се извезува или увезува на пример во една Германија или во Швајцарија, така да се увезува или извезува и од Македонија“, вели Кучи.
Освен трговски недоразбирања со Србија, земјата минатите години имаше и со Косово поради што со денови беа затворени граничните премини меѓу двете земји.