Бегаат од дома поради недозволена љубовна врска, па потоа родителите ги бараат да ги вратат дома. Вакви случаи пред сè со малолетни девојчиња имало барем еднаш неделно во изминатата 2017 година, бележи тетовската полиција, а состојбата продолжува и понатаму.
„Минатата година вкупно пријавени како оддалечени од дома или исчезнати се 67 лица. Од нив 66 се пронајдени. Најчеста причина за времено напуштање на семејните домови се тајни љубовни врски со други малолетни лица или повозрасни кои неретко завршуваат со така наречени нелегални бракови. Покрај оваа причина е и нелегално работење во угостителски или други објекти“, вели Марјан Јосифовски портпарол на СВР Тетово.
Уплашените родители ги пријавуваат како исчезнати, по што се вклучуваат полицијата и социјалните служби. Психологот Слаѓана Анѓелкоска вели дека непредвидливото однесување во периодот на пубертетот се должи на фактот што децата се многу чувствителни и доживуваат големи промени.
„Главната причина за несаканото однесување на тинејџерите се физиолошките и телесните промени низ кои поминуваат во овој период на развојот. Се јавува потребата за самостојност за освојување на личната слобода. Сега ако се прашаат тинејџерите, зошто побегнале, нивниот одговор најчесто тоа ќе го поврзат со различни причини, но најголема причина е, ќе каже дека родителите ги заморуваат со зборови, испитувања, недоверба, лошата атмосфера во семејството, немањето на пари. Со бегањето ја олеснуваат психичката тензија и на некој начин сакаат да им одржат лекција на родителите“, објаснува психологот од Центарот за социјална работа во Гостивар.
Досегашните примерите на полицијата и на социјалните служби покажуваат причини за оддалечување од домот се и дисфункционални семејства, здравствени психички проблеми, но и пороците, како дрога и алкохол.
„Тоа се теми за кои родителите треба да разговараат во овој тинејџерски период. Убаво да им се објасни на децата. Пред сè родителот треба да ги знае развојните фази на детето. Низ што сè детето поминува во овој период за да може да го разбере и да може да му даде правилна насока и правец“, вели Анѓелкоска.
Постојат и неодговорни родители, потенцира полицскиот портпарол со информацијта дека за 2017 година се поднесени две кривични пријави за насилно одземање малолетник и пет прекршочни за занемарена грижа за дете.