Достапни линкови

Откриена причината за чудниот мирис и вкус на водата во Тетово


Чудниот вкус и мирис на тетовската вода не се штетни по здравјето, покажале испитувањата во Центарот за јавно здравје во Тетово. Проблемот на кој се жалеа граѓаните се должел на распаѓање на лисја во планинските реки од кои се полни водоснабдителниот систем.

Промената на вкусот и мирисот кај водата за пиење во Тетово, што се јавија кон крајот на октомври и почетокот на ноември, е поради распаѓање на лисја во површинските води од планинските реки, но истото не е штетно по здравјето, покажаа интензивните анализи кои во Центарот за јавно здравје Тетово се правени досега.

Ова е прв пат тетовци да се соочат со ваков проблем, со оглед дека годинава со пуштање во употреба на новиот водоснабдителен систем почна да се користи и вода од планинските реки покрај изворите на Шар Планина. Микроскопското иследување на водата покажало зошто има чуден вкус и мирис.

„Последните испитувања покажуваат дека водата е квалитетна и безбедна за пиење. Иако имавме во три наврати ексцеси пред сè во промена на вкусот и мирисот. Извршивме и проширена анализа кај што се испитаа пестицид, радиоактивност и штетени и опасни материи, паразити и додатни микробиолошки испитувања. Со тоа се потврди една светска пракса дека имавметаканареченоестетско пореметување. И водата има естетика. Увидовме дека ги има во дозволени количини оние органски и неоргански партикули-честички кои ни укажува дека во тој период кога настанаа овие екцеси дека се работи за распаѓање на вегетацијата, пред сè на лисната маса“, вели доктор Ратко Давидовски, специјалист по хигиена и здравствена екологија.

Поради тоа што на два начини се обезбедува вода од извори и планински реки, д-р Давидовски им препорачува на одговорните во општината и комуналното претпријатие да прават превентивни чекори. Намерата е да се избегнат слични проблеми во иднина.

„Наша препорака е да се направи пред-треман на сировата вода, од реките што се носат во филтер станицата. Дали тоа ќе биде озонирање, дали тоа ќе биде со активен јаглен. Има и други начини, меѓутоа овие се најевтини и успешно го отстрануваат непријатниот вкус и непријатниот мирис. Ако не се преземат овие додатни мерки може да настане, зошто нашиот цевковод е разновиден. Имаме рѓосани цевки и многу имаме терминални цевки каде што не се во функција. Тука може да настанат колонии на овие алги, на овие актиномицети, така што и понатаму може ако не се преземат овие додатни мерки и во иднина може да ни се појавуваат непријатен вкус и мирис“, потенцира докторот од Центарот за јавно здравје.

Новиот водоснабдителен систем теоретски донесе дополнителни количини вода. Сепак и по септември кога се пушти во употреба тетовци повторно се соочуваат со недостиг од вода за пиење.

XS
SM
MD
LG