На јавна дебата во Собранието со дијабетичари и доктори ендокринолози ќе се разгледува барањето и можноста за одвојување на повеќе пари за набавка на квалитетен инсулин, беше ветувањето што го добија здруженијата на дијабетичари по поднесувањето на нивното барање. Тие велат дека недостатокот на инсулин и неговиот сомнителен квалитет се најголемите проблеми кои им предизвикуваат здравствени компликации, а дополнително ги враќа и на користење на постари генерации на лекови.
Во предлог буџет за 2018 година е предвидено да се потрошат 10 милиони евра за набавка на инсулин, додека пред воведувањето на паралелниот увоз на лекови во Македонија за истата ставка од буџетот биле трошени и над 14 милиони евра.
Цвете Серафимовски од Асоцијацијата на детски дијабетис „Македонија – Баланс“, вели дека како почетна позиција им е барањето за ревидирање на ставката во буџетот, а подоцна и ревидирање на тендерот за набавка, кој е потпишан за две години од претходната власт.
„Значи секоја година се зголемува бројот на лица со дијабетис, а парите за нивно лекување се намалува. Дополнително не се намалува количината на инсулин што се увезува, туку се намалува цената. Од искуството што го имаме во последниве четири години факт е дека кога се намалува цената, се намалува и квалитетот. И поради тоа сметаме дека не треба да биде таков случајот, затоа што на крај сите страдаме“, вели Серафимовски.
Тој објаснува дека сè уште не сака да верува дека дијабетичарите користеле фалсификуван лек, како што индиректно посочува во интервјуто за Фокус директорот на ФЗО Ден Дончев. Серафимовски вели дека нивните сомнежи како корисници оделе само до таму дека инсулинот можеби не бил соодветно чуван или транспортиран што би влијаело врз квалитетот, но не и дека можеби примале фалсификуван лек со сомнителен квалитет. Како Организиција неколку пати барале од Агенцијата за лекови, вонредна контрола на квалитетот на инсулинот од каде што добиле одговор дека во земјва може само да се провери дали има активна супстанца инсулин, но не и количината, односно во колкава мера е активната ситуација.
„Во Македонија нема соодветна лабораторија која може да го испита колку активна супстанца има во инсулинот. Во Македонија може да се испита само дали има или нема активна супстанца. Втората работа која за нас е индикативна е тоа што директорот на Агенција лично ми кажа дека досега ваква контрола не е направена и тоа е најстрашното, како се пуштале лекови досега во употреба, а претходно не биле контролирани од Агенција за лекови. Никој немал контрола на тоа што ние примаме“, вели Серафимовски.
Одговор на овие прашања од Агенцијата за лекови, иако побаравме досега не добивме.
Дополнително било проблем што во инсулинските аптеки може да се најде лекот само колку што е потребно за тековниот месец.
„Нема доволно залихи, оние кои што го увезуваат инсулинот, кои што имаат добиено на тендерот со паралелниот увоз, тоа значи дека секој месец, што би се рекло народски со лажичка носат инсулин“, додава Серафиновски кој посочува дека досега никој не им објаснил зошто е тоа така.
Здруженијата на дијабетичари сметаат дека поради неквалитетното третирање на дијабетисот се јавуваат здравствени компликации кои подоцна ја чинат државата три пати повеќе од самото третирање на болеста. Според минатогодишниот извештај на ФЗО за дијализа која кај дел од пациентите се користи како третман кај бубрежни оштетувања поради копликации од дијабетис се потрошени 18 милиони евра. Во Македонија има околу 180 илјади луѓе со дијабетес, или 12 проценти од вкупната популација. Од нив повеќе од 40.000 се корисници на инсулинска терапија и нивниот број секоја година се зголемува.