Достапни линкови

Медиуми - Има ли реваншизам во случајот со Бакрачески?


Поранешниот градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески.
Поранешниот градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески.

Има ли или нема реваншизам во прераспределувањето на поранешниот градоначалник на Охрид и директор на охридска кардиологија, Никола Бакрачески на местото раководител на Одделот за аритмии? Се чини ова е главна тема во печатените и електронските медиуми. Медиумите пишуваат и за преговорите за „името“ и за Предлог-законот за јазици.

Слободен печат објавува, а порталот Плусинфо ја пренесува колумната со наслов: „Нема оправдување за реваншизмот, другари!“ сметајќи дека Бакрачески, како основач на интервентната кардиологија во Охрид и каде што се потврдил како солиден стручњак имал желба да работи таму, а не во Одделот за аритмии и дека тоа, објективно, според авторот, било деградација.

Порталот Фокус ги објавува сите вести поврзани со случајот:

„Министерство за здравство: Бакрачески е поставен на место во согласност со неговата стручност по вонредниот испекциски надзор за прераспределбата“, „Директорката го ставила Бакрачески на позиција за која смета дека не знае да ја работи?“ и „Бакрачески: На оваа позиција нема да бидам најкорисен, но немам предрасуди за која било позиција“.

Нова Македонија пишува дека „Се чека Нимиц да потврди конечен датум за средба“, цитирајќи ја изјавата на премиерот Заев во врска со одложената рунда разговори меѓу претставниците на Грција и на Македонија, најавена за 20 или 21 овој месец. Истиот весник пренесува дека на одложената средба, според грчките медиуми, Нимиц требало да излезе со конкретен предлог за решавање на спорот со името.

Вечер ја објавува веста за одложувањето со следниов наслов: „Нема да стигне да даде предлог – Одложена средба на преговарачите со Нимиц?!“

Нова Македонија, како и сите медиуми ја објавија веста дека во Собранието е „Изгласана потребата од носење на Законот за употреба на јазиците, со што Предлог-законот влегува во втората фаза кога пратениците имаат можност за поднесување амандмани“. Против гласаше пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, зашто според координаторот на групата Димовски законот бил противуставен и дискриминаторски кон македонскиот јазик и останатите јазици во Македонија. Истиот весник ја пренесува и изјавата на Артан Груби од ДУИ дека очекува Законот за јазици да биде донесен до крајот на годинава и дека со него ќе се постигнела јазична еднаквост помеѓу македонскиот и албанскиот јазик во сите органи на државната управа. На ТВ Телма, инаку, СДСМ најави дека ќе достави амандмани на предлог-законот на деловите кои беа дискутабилни и предизвикаа дебата. „Ќе ги допрецизираме законските одредби за да не може тој да се толкува вака или онака“, изјави координаторот на пратеничката група на СДСМ, Томислав Тунтев.

Слободен печат ја пренесува информацијата од МВР дека „За ’крвавиот четврток‘ во Собранието ќе одговараат 70 началници – соучесници на Чавков“, и дека „се суспендирани 31 полицаец затоа што со рацете в џеб гледале како пратеници на ВМРО-ДПМНЕ ги отвораат собраниските врати и ги пуштаат демонстрантите“.

Порталот Курир го пренесува постот на ФБ страницата „Аеродром во моето срце“ дека во средата вечер крстот во Аеродром не бил осветлен: „Дојде живот во Аеродром, вечерва не свети крстот“. А Слободен печат, на насловната, со монтирана фотографија на претседателот на македонското Собрание, Талјат Џафери во автобус поставува прашање: „Ќе се скрати ли надоместокот за патни трошоци? Наместо народот, пратениците нека јавнат автобуси!“

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG