Достапни линкови

Вести

Димитров: Одлуката на Косово за осудените за „Диво Насеље“ не е во духот на европската иднина

Министерот за надворешни работи Димитров се сретна со министерот за европски прашања на Косово Зурата Хоџа.
Министерот за надворешни работи Димитров се сретна со министерот за европски прашања на Косово Зурата Хоџа.

Одлуката на Владата на Република Косово за издвојување на буџетски средства за финансиска поддршка на семејствата на осудените државјани на Косово, не е во духот на градење европска иднина за регионот засновано на владеење на правото, што е заеднички интерес на двете земји, изјави денска министерот за надворешни работи Никола Димитров на средбата со министерот за европски прашања на Република Косово, Зурата Хоџа на маргините на регионалната Конференција “Градење капацитети и регионална соработка во процесот на европска интеграција на земјите од Западен Балкан.

На средбата биле разменети мислења за регионалната и билатералната соработка, кои бележат подем, а во тој контекст се разговарало за можностите за унапредување на соработката со Република Косово на планот на евроинтеграциите, и за споделување на стекнатите искуства на Република Македонија на тој пат, се вели во соопштението објавено на веб-страницата на Министерството за надворешни работи на Македонија.

види ги сите денешни вести

Мицкоски: Со Макрон отворено разговаравме за одблокирање на патот кон ЕУ

На маргините на самитот на Европската политичка заедница, Мицкоски имал средба со Макрон, 7 ноември 2024, Будимпешта.
На маргините на самитот на Европската политичка заедница, Мицкоски имал средба со Макрон, 7 ноември 2024, Будимпешта.

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека „продуктивна средба“ со претседателот на Франција, Емануел Макрон, денеска (7 ноември) во Будимпешта, на која разговарале за евроинтеграциите на Северна Македонија.

Средбата била одржана на маргините на самитот на Европската политичка заедница, чиј домаќин е Унгарија.

„Отворено разговаравме за одблокирање на патот на Македонија кон Европската Унија. Оптимист сум за нашата иднина, се бориме за нашите аргументи и вистината која е незаобиколива. Ќе дадеме се од себе да ги зачуваме државните и националните интереси“, напиша Мицкоски на социјалните мрежи по средбата со Макрон.

Во делегацијата со премиерот во Будимпешта се и министрите за надворешни работи и надворешна трговија и за европски прашања, Тимчо Муцунски и Орхан Муртезани.

Како што беше најавено од владината прес-служба, Мицкоски на самитот учествува и со обраќање на сесијата посветена на темата економска сигурност и меѓусебно поврзување.

Европската политичка заедница беше основана во 2022 година како меѓувладин форум за политичка и стратешка дискусија за иднината на Европа.

Првиот самит се одржа во октомври 2022 во Прага со учесници од 44 држави, како и претставници од Европскиот совет и Европската комисија.

Поделени најголемиот дел од ваучерите за инвертер клими

Долги редици за подигање на ваучерите за интертер клими, 7 ноември 2024, Скопје.
Долги редици за подигање на ваучерите за интертер клими, 7 ноември 2024, Скопје.

Во текот на денот (7 ноември) доделени се најголем дел од ваучерите за инвертер клима, тврдат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

Претходно денеска, кај спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје можеа да се забележат долги редици од граѓани како чекаат за да го подигнат ваучерот.

„Во рамки на процесот на доделување до 16 часот, само во Скопје беа доделени над 1.400 ваучери или над 75 отсто од вкупниот број. Иако на почетокот на денот беше забележана зголемена посетеност на граѓани, доделувањето се одвиваше непречено и во поголемиот дел од денот немаше долги редици“ велат од Министерството.

За ваучери аплицираа над 18.000 граѓани, а вкупно се предвидени само 6.182 ваучери. Граѓаните кои ги добија, можат да ги искористат најдоцна до 30 ноември.

Покрај во спортскиот центар „Борис Трајковски“, ваучерите се делеа и на други 30 локации низ државата.

„Според првичните информации од тимовите на Министерството, во повеќето градови како Струга, Радовиш, Штип, Кичево и други, граѓаните подигнале над 90 отсто од ваучерите, што е доказ за успешноста на овој начин на дистрибуција на ваучерите“, потенцираат од Министерството.

Министерката за енергетика Сања Божиновска претходно во изјава за медиумите рече дека е овозможена дополнителна флексибилност за граѓаните кои нема да можат да ги подигнат своите ваучери веднаш, тоа да го направат директно во просториите на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

Таа твдеше и дека ова е најдобар начин на доделување на ваучерите бидејќи граѓаните добитници треба да потпишат и договор, па ќе се изгуби многу време доколку се препраќа преку пошта.

Ваучерите се делеа преку два јавни повици – едниот за ранливи категории граѓани, а другиот за енергетска ефикасност. Повиците беа распишани уште во февруари и предизвикаа голем интерес кај граѓаните. Процесот го започна Министерството за економија, а доделувањето сега го организира новоформираното Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

Дел од граѓаните претходно, како што пишуваше и Радио Слободна Европа, реагираа дека се доцни со доделувањето на ваучерите. Делумно, застојот се должеше и на реорганизацијата на министерствата со која надлежноста за ваучерите се префрли од секторот економија во Министерството за енергетика.

Во Северна Македонија изминатите неколку години се спроведуваа проекти и од централната власт, но и во дел од општините, во рамки на кои се доделуваа субвенции за поставување клими и печки на пелети, со цел да се намали загадувањето на воздухот и да се мотивираат граѓаните да не се греат на дрва или на други материјали кои загадуваат.

Германија уапси Американец за шпионирање за Кина

Илустрација.
Илустрација.

Американски државјанин осомничен за шпионирање за Кина е уапсен во Германија, објави германското федерално обвинителство на 7 ноември, пренесе Асошиејтед прес.

Обвинителството соопшти дека осомничениот, кој беше идентификуван како Мартин Д., е уапсен во Франкфурт и дека се врши претрес во неговата куќа.

„Обвинетиот, кој до неодамна работел за вооружените сили на САД во Германија, е осомничен дека се согласил да дејствува како разузнавач на странска тајна служба“, се вели во соопштението.

Според истрагата на разузнавачка служба на Германија, на почетокот на оваа година, тој контактирал со кинески владини агенции и понудил да даде чувствителни информации за американската војска на кинеското разузнавање.

Осомничениот информациите ги добивал за време на неговата работа во Армијата на САД, се посочува во соопштението на обвинителството без да се дадат дополнителни детали.

Германската новинска агенција ДПА објави дека веројатно осомничениот не им дал никакви информации на кинеските власти пред неговото апсење.

Германските власти оваа година разоткрија неколку лица осомничени за шпионажа за Кина.

Минатиот месец, беше уапсен кинески државјанин обвинет за пренесување информации за воздушен товарен сообраќај на човек кој се сомничи дека шпионирал за Кина.

Во април, беше приведено лице кое работело за истакнат германски екстремно десничарски пратеник во Европскиот парламент, исто така под сомнение дека шпионирало за Кина.

Веста за ова апсење беше објавена откако претходно во одделен случај беа приведени тројца Германци осомничени за шпионирање за Кина и договарање пренос на информации за технологија со потенцијална воена употреба.

Лукашенко со нов бран помилувања на политички затвореници

Алаксандр Лукашенко, претседател на Белорусија (фотоархива).
Алаксандр Лукашенко, претседател на Белорусија (фотоархива).

Белорускиот авторитарен лидер Алаксандр Лукашенко помилува 31 лице, сите осудени според законот за „екстремизам“ во Белорусија.

Како што соопшти прес-службата на претседателот, од помилуваните две се жени, а 29 мажи. Исто така, 17 од нив имаат хронични заболувања, тројца се инвалиди, а 27 имаат деца.

Иако тие ќе бидат ослободени, нивните криминални досиеја нема да бидат избришани и, како што беше наведено, Министерството за внатрешни работи „ќе обезбеди контрола над нивното однесување“.

Оваа година, Лукашенко помилува 115 политички затвореници. Денешниот е пети бран помилување во последните месеци.

И покрај тоа, Белорусија останува дом на значителен број политички затвореници. Приближно 1.287 политички затвореници остануваат зад решетки, според Центарот за „Вјасна“.

Политичката клима во Белорусија останува тензична, а борците на човековите права пријавија масовни притворања низ целата земја по најавата за следните претседателски избори што ќе се одржат на 26 јануари 2025 година.

Од задушувањето на протестите кои следуваа по спорните претседателски избори во 2020 година, активистите за човекови права регистрираа 3.600 лица како политички затвореници.

Бајден повика на намалување на тензиите и вети мирна транзиција на власта

Џо Бајден со обраќање од Белата куќа, 7 ноември 2024 г.
Џо Бајден со обраќање од Белата куќа, 7 ноември 2024 г.

Американскиот претседател Џо Бајден денеска (7 ноември) порача дека ќе има мирна транзиција на власта откако републиканецот Доналд Трамп победи на претседателските избори и во јануари ќе се врати во Белата куќа.

Тој ги повика Американците на намалување на тензиите.

„Не можете да ја сакате својата земја само кога ќе победите. Не можете да го сакате соседот само кога се согласувате. Нешто на што можеме да се надеваме дека ќе го направиме, без разлика за кого гласаме, е да се гледаме не како противници, туку како сограѓани. Американци намалете ја температурата“, рече тој во своето прво појавување во јавноста по победата на Трамп над Камала Харис.

По изборите, сè уште не е јасно кој ќе ја има контролата над Претставничкиот дом во Конгресот – републиканското или демократското мнозинство, бидејќи во дел од сојузните држави сè уште не е познат победникот.

Републиканците ја презедоа контролата врз Сенатот, другиот дом на Конгресот.

Бајден рече дека разговарал со Трамп и го уверил дека ќе ја насочи неговата администрација да обезбеди „мирна и уредна транзиција“, бидејќи тоа е она што луѓето го заслужуваат.

Во 2020 година, Трамп одби да прифати дека ги загубил изборите од Бајден.

„Исто така, се надевам дека можеме да го решиме прашањето за интегритетот на американскиот изборен систем. Тој е фер и транспарентен. Може да му се верува, без разлика дали сте победиле или изгубиле“, рече Бајден.

Во обраќањето ден претходно, Камала Харис пред насобраната толпа во кампусот на Универзитетот Хауард во Вашингтон изјави дека му честитала на Доналд Трамп за изборната победа и му рекла дека ќе му помогне во транзицијата на власта.

„Признавам пораз, но не се откажувам од борбата што ја водев во кампањата. Борбата за слобода, правда. Тоа е борба од која никогаш нема да се откажам. Никогаш нема да се откажам од фактот дека Американците можат да ги остварат своите аспирации, во Америка каде жените имаат избор, каде училиштата и улиците се заштитени од оружено насилство“, рече таа.

Иницијативата за укинување на забраната за абортус беше дел од гласачките ливчиња во десет американски сојузни држави каде се одржаа референдуми за ова прашање. Поддржувачите на правата на абортусот триумфираа во седум, а ги загубија битките во три држави каде што остануваат на сила забраните за абортус.

Трамп не се приклучи на повиците за забрана на абортусот низ целата земја и рече дека како претседател, доколку биде реизбран, ќе одбие да го потпише федералниот закон што бара такво нешто, како и дека ова прашање е најдобро да се остави на секоја сојузна држава посебно.

Собир пред судот во Нови Сад за поддршка на приведените активисти за демолирањето на градското собрание

Собир пред судот во Нови Сад, 7 ноември 2024 г.
Собир пред судот во Нови Сад, 7 ноември 2024 г.

Српскиот активист и поранешен потпретседател на Владата на Војводина, Горан Јешиќ, попладнето на 7 ноември беше пуштен од притвор откако пред зградата на Основниот суд во Нови Сад беше организиран собирот за поддршка на приведените активисти на протестот што следуваше по несреќата на железничката станица во овој град.

По ослободувањето на Јешиќ, насобраните граѓани пред судот во Нови Сад скандираа „Победа“.

Горан Јешиќ оцени дека одлуката за негово ослободување е знак дека во судовите „се уште има интегритет“, а потегот на обвинителството кое предложи продолжување на притворот го оцени како политички.

Јешиќ и другите активисти беа приведени на 5 ноември на протестот во Нови Сад на кој се бараше одговорност од властите за уривањето на настрешницата на железничката станица при што загинаа 14 луѓе.

Обвинителството бараше 30 дена притвор за Јешиќ, а полицијата претходно соопшти дека тој е обвинет за напад на службено лице при вршење на службената должност и му е одредена мерка притвор во траење од 48 часа.

„Наместо сега да стоиме овде и да бараме драконски казни за одговорните за смртта, ние стоиме и ги поддржуваме луѓето кои се осмелија да кажат ’доста е‘, да кажат дека е страшно и нема да бидеме следните“, изјави на собирот, Владимир Јешиќ, брат на Горан Јешиќ.

Горан Јешиќ, според тврдењата, бил приведен откако се обидел да спречи апсење на еден од учесниците на протестот од страна на полицајци во цивилка на кои им побарал да покажат легитимација бидејќи ја немале истакнато значката. Тој оттурнал еден од двајцата полицајци во цивилна облека, а дури по инцидентот еден од нив ја покажал службената легитимација.

Покрај Јешиќ, денеска во Нови Сад треба да биде сослушан и активистот Иван Бјелиќ, како и активистот и советник Миша Бачулов, кои исто така беа уапсени по протестот во Нови Сад.

Бјелиќ се товари за насилничко однесување на јавен настан, односно на јавен собир.

Милан Алановиќ, адвокат на Миша Бачулов, рече дека обвинителот предложил 30-дневен притвор за неговиот клиент поради ризик да го повтори делото и да влијае врз сведоците.

Во Нови Сад, поради демолирање на градското собрание на протестот организиран поради уривање на настрешницата на железничката станица, досега се приведени 14 лица, меѓу кои и еден малолетник.

На тој протест, група мажи, главно со маски и качулки, фрлаа камења и други предмети кон седиштето на Градското собрание, а полицијата одговори со солзавец.

Уставен нема да поведе постапка за пасошите

Уставен суд (фотоархива).
Уставен суд (фотоархива).

Уставниот суд на Северна Македонија одлучи дека нема да поведе постапка за законските одредби со кои пасошите со старото уставно име Република Македонија престанаа да важат по 12 февруари 2024 година.

Од судот соопштија дека било оценето дека ова не е во спротивност со Уставот туку усогласување со уставните измени кои влегоа на сила во 2019 година и се даде рок од пет години за промена на патните исправи.

„Дополнително, Амандманите на Уставот претставуваат имплементација на ратификуван меѓународен договор (во конкретниот случај т.н. Преспански договор) кој е составен дел од внатрешниот поредок и согласно со членот 118 од Уставот не може да се менува со закон“, наведуваат од Уставен.

Истекувањето на рокот за замена на пасоши предизвика хаос претходните есен и зима – граѓани не можеа да закажат термини, се чекаше со часови за сликање, се доцнеше со изготвувањето итн.

Но, за ова, како што велат од Уставен, судот нема надлежност да одлучува.

„Уставниот суд не може да цени дали граѓаните биле доволно информирани и во какви услови се одвивал тој процес на барање за нови патни исправи. Исто така прашањето за датумот на постојните патни исправи и евентуално поместување и одредување на нов датум не е во надлежност на Судот“, пишува во соопштението од Уставен.

Иницијативата со која се спореше одредбата за истекот на важноста на пасошите со старото уставно беше поднесена од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ во јануари годинава, период кога партијата беше во опозиција.

За потсетување, поголемите гужви за промена на личните документи на пунктовите на МВР настанаа на средината на 2023 година, кога граѓаните тешко успеваа да закажат термин за промена.

Тогаш започна да наближува рокот за промена на личните документи со новото име на државата, којашто се обвза со потпишувањето на Преспанскиот договор со Грција во 2018.

Рокот од 5 години почна да тече со промената на Уставот во февруари 2019 година, кога името на државата официјално беше променето во Република Северна Македонија. Со тоа личните документи на граѓаните требаше да бидат променети до 12 февруари 2024 година. Но, пасоши со новото уставно име не почнаа да се издаваат веднаш, туку летото 2021 година.

Зеленски од Будимпешта: Попуштање пред Путин ќе биде самоубиствено за Европа

Зеленски и Орбан на состанокот на Европската политичка заедница во Будимпешта, 7 ноември 2024 г.
Зеленски и Орбан на состанокот на Европската политичка заедница во Будимпешта, 7 ноември 2024 г.

Само неколку часа откако Киев и Одеса беа погодени од интензивни воздушни напади, украинскиот претседател Володимир Зеленски настапи пред европските лидери со предупредување дека капитулацијата пред Русија по нејзината инвазија на Украина би била „самоубиствена“ за Европа.

Тој се обрати на состанокот на Европската политичка заедница што денеска (7 ноември) се одржува во Будимпешта при што ги повтори апелите за поголема поддршка на неговата земја разурната од војна започната од Москва. Состанокот на Европската политичка заедница се одржува еден ден пред неформалниот самит на ЕУ чиј домаќин исто така е Унгарија, која во моментов го има ротирачкото претседателство со Унијата.

Во обраќањето Зеленски рече дека веќе разговарал и со новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, за тоа како и Соединетите Држави и Европа треба да бидат силни партнери во услови кога светот се соочува со „многу предизвици“.

„Многу се зборуваше за потребата да му попуштиме на Путин, да се повлечеме, да направиме некои отстапки. Тоа е неприфатливо за Украина и самоубиствено за цела Европа“, рече Зеленски во говорот кој доаѓа неполни 48 часа откако Трамп победи на претседателските избори.

Победата на Трамп предизвика трепет низ Европа со оглед дека често изразуваше скептицизам во врска со американската воена поддршка за Украина.

„Покажувањето слабост или распродажбата на позициите на Европа нема да купи праведен мир. Мирот е награда само за силните“, додаде Зеленски.

Зеленски на средбата беше пречекан од десничарскиот унгарски премиер Виктор Орбан, кој одржува блиски врски со Путин и се противи на санкциите на ЕУ кон Москва. Орбан има блиски односи и со Трамп.

Шефот на НАТО, Марк Руте, во обид да ја обезбеди поддршката на Трамп за Украина, пред новинарите во Будимпешта изјави дека испраќањето трупи од Северна Кореја за помош на Русија во Украина претставува директна закана и за САД.

„Она што сè повеќе го гледаме е дека Северна Кореја, Иран, Кина и се разбира Русија работат заедно, работат заедно против Украина... Истовремено, Русија мора да плати за ова. Една од работите што ги прави е што испорачува технологија на Северна Кореја, која во иднина е закана за територијата на САД и континентална Европа“, предупреди тој.

Руте додаде дека со нетрпение очекува да седне со Трамп за да разговараат за тоа како може колективно да се соочат со ваквите закани.

Настанот во Будимпешта се случува истиот ден кога Украина во раните утрински часови собори 74 од 106 беспилотни летала што Русија ги лансираше кон цели во 9 украински региони – Одеса, Миколајев, Херсон, Киев, Суми, Полтава, Харкив, Кироворад, Житомир, Черкаси и Чернихив.

Овие руски напади предизвикаа пожари и штети во пет области на Киев, објави градоначалникот Виталиј Кличко на Телеграм.

Две лица во главниот град биле повредени од паѓањето остатоци од дроновите.

Во Одеса, пак, оштетена е една висококатница, а едно лице е повредено откако украинската противвоздушна одбрана собори руски дронови над пристаништето на Црното Море, објави регионалниот гувернер Олех Кипер.

Велика Британија воведе нови санкции поврзани со Русија

Фотографијата објавена од француската војска прикажува тројца руски платеници во северниот дел на Мали.
Фотографијата објавена од француската војска прикажува тројца руски платеници во северниот дел на Мали.

Велика Британија денеска (7 ноември) објави нов пакет санкции за Русија, најголем во последната година и пол кој опфаќа мерки за 56 лица и субјекти поврзани со воената машинерија на Москва, вклучително и платенички групи активни во Африка и поединец обвинет за вмешаност во нападот со отровот новичок во 2018 година.

Објавата на санкциите доаѓа дента кога британскиот премиер Кир Стармер замина на разговори за спротивставување на руските активности во Европа со другите европски лидери на самитот на Европската политичка заедница во Будимпешта каде се очекува тој да ја потврди силната поддршка на Лондон за Украина.

Според британските власти, санкциите што ги воведуваат ќе го нарушат снабдувањето со витална воена опрема за машинеријата на рускиот претседател Владимир Путин и ќе ги намалат руските активности на глобално ниво.

На листата со санкции, меѓу другите се ставени, три платенички групи во Африка кои се поврзуваат со Кремљ.

Едната од нив е Африканскиот корпус, наследничка на озлогласената платеничка група Вагнер, која под водство на покојниот соработник на Путин, Евгениј Пригожин, учествуваше во инвазијата на Украина.

По смртта на Пригожин и по краткотрајниот бунт на групата, Африканскиот корпус како наследничка на Вагнер ги прошири операциите во африканските земји како Либија, Централноафриканската Република, Мали, Буркина Фасо и Нигер, каде што борците на групата делуваат како поддршка на тамошните воени диктатури.

„Русија се обидува да ги искористи кревките безбедносни средини и природните ресурси во овие земји за своја корист и за проширување на влијанието на Кремљ“, соопшти британскиот Форин Офис.

На листата со санкции се најде и рускиот воен разузнавач Денис Сергеев, еден од тројцата руски оперативци кои британската полиција ги обвини за обидот за убиство на поранешниот руски двоен агент Сергеј Скрипал, со нервниот агенс новичок во 2018 година во Англија.

За потсетување, Скрипал и неговата ќерка Јулија беа пронајдени без свест на клупа во парк во Англија во март 2018 година, а британските власти утврдија дека тие биле цел на напад на руското воено разузнавање. Отровот новичок бил нанесен на кваката од вратата на нивниот дом.

Таткото и ќерката преживеаја, но почина една жена која случајно дошла во контакт со отровниот агенс.

Новиот пакет санкции опфаќа и 28 ентитети со седиште во Кина, Турција и Централна Азија кои се товарат дека ја снабдуваат Москва со машини, микроелектроника за дронови и други воени компоненти што се користат во инвазијата во Украина.

„Денешните санкции ќе ја одвраќаат корозивната надворешна политика на Кремљ, поткопувајќи ги обидите на Русија да поттикне нестабилност низ Африка и попречувајќи го снабдувањето со витална опрема за воената машинерија на Путин“, изјави британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами.

Путин, додаде тој, „е речиси 1.000 дена во војна за која мислеше дека ќе потрае само неколку дена“.

„Тој ќе пропадне, а јас ќе продолжам да го уривам Кремљ и да го поддржувам украинскиот народ во неговата борба за слобода“, заклучи Лами.

Кос: До 2027 година Црна Гора и Албанија би можеле да ги завршат преговорите со ЕУ

Кандидатката за еврокомесар за проширување Марта Кос
Кандидатката за еврокомесар за проширување Марта Кос

Кандидатката за еврокомесар за проширување Марта Кос изјави дека е можно до крајот на нејзиниот мандат најмалку две земји да ги завршат пристапните преговори со Европската Унија.

Таа изјави дека Црна Гора би можела да ги затвори сите поглавја до крајот на 2026 година, а Албанија може да го направи тоа до 2027 година.

Кос не ја спомена Србија во контекст на можноста за затворање на поглавјето, но рече дека е охрабрена од изјавите на претседателот Александар Вучиќ, кој минатата недела изјави дека е подготвен да направи се за усогласување на законодавството со европското законодавство.

„Мислам дека ова е огромен успех. Сепак, мора да следат активности“, рече идната комесарка за проширување.

Марта Кос е кандидатка од Словенија за комесар за проширување. Во текот на денот таа имаше сослушување во комисијата за надворешна политика на Европскиот парламент (АФЕТ), на која беше потврдена нејзината кандидатура.

Марта Кос се осврна на поранешната заедничка држава како доказ дека добро го познава регионот на Западен Балкан. Таа пред европските претставници потврди дека ќе се погрижи патот кон влезот во ЕУ да остане целосно заснован на заслуги.

„Јас сум за амбиција, но не може да има пречки и никогаш нема да го компромитирам квалитетот заради брзината“, подвлече Кос.

Таа, исто така, додаде дека нема да се двоуми да предложи корективни мерки во случај на сериозна стагнација во спроведувањето на политичките заложби, особено во критичните области како што се реформите во судството и борбата против корупцијата.

Кос рече и дека земја која не ја почитува слободата на изразување и нема медиумски плурализам не може да биде членка на ЕУ. Оцени дека целосното усогласување со надворешната политика на ЕУ не е предуслов за процесот на проширување, но потврди дека усогласувањето треба да биде целосно во моментот на членството во ЕУ.

Но, таа предупреди дека се важни и политичките обврски и степенот на нивното исполнување.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG