Харви ги погоди крајбрежните области на Тексас во петокот и тоа беше најсилниот ураган забележан во оваа американска сојузна држава во изминативе 50 години.
Властите страхуваат дека би можело да има жртви со оглед на тоа што во делови се уште не се согледани последиците од невремето кое е проследено со големи врнежи кои, според метеоролозите, ќе продолжат и во текот на неделава.
Американската национална метеоролшка служба оцени дека влијанието на ураганот Харви било најлошо досега.
„Она што го гледаме се најуништувачките поплави во историјата на Хјустон“, оценува метеорологот Стив Боуен.
Во некои делови на Хјустон забележни биле рекордни врнежи, 1.270 милиметри, односно колку за една цела година.
Градските власти им порачаа на дел од жителите да се качуваат и на покривите доколку има потреба за тоа.
Се оценува дека тоа би било најдобро со оглед на фактот што голем дел од патиштата невремето ги претвори во реки.
Затворени се неколку рафинерии и се евакуирани сите вработени на нафтените платформи. Исто така е затворен и меѓународниот аеродром во Хјустон.
Во операциите за отстранување на последиците од поплавите се ангажирани и три илјади припадници на Националната гарда.
Гувернерот на Тексас Грег Ебот изјави дека 14 летала ќе бидат вклучени во спасувањето на луѓето заглавени во поплавените куќи.
Најавено е дека некои делови на Тексас утре ќе ги посети претседателот Доналд Трамп.
Тој се соочува со првата голема природна кастарофа во земјата отако ја презеде функцијата во јануари годинава.
Некои проценки велат дека штетите од поплавите во Тексас би можело да бидат исти со оние што ураганот Катрина ги предизвика во Њу Орлеанс во 2005 година. Тогаш загинаа околу илјада и 800 луѓе.