Делот од законот кој се однесува на Русија треба да ја казни Москва поради нејзиното мешање во претседателската кампања во минатата година, нешто што постајно го негира претседателот Трамп.
Претседателот на Комитетот за надворешни работи, републиканецот Ед Ројс пред гласањето изјави:
„Ова е многу важен закон. Овие три режими во три различни делови на светот се закана за виталните интереси на САД и тие ги дестабилизираат нивните соседи. Уште одамна требаше да одговориме силно.“
Тој додаде дека Русија, доколку не биде контролирана, ќе ја продолжи нејзината агресија. Конгресменот од Калифорнија, демократот, Џоакин Кастро пак оцени дека станува збор за неопходни санкции, особено кога станува збор за Русија:
„Овие санкции се јасен сигнал дека САД ќе ги држат претседателот Путин и неговите блиски соработници одговорни за нивните акции. Тие се исто така декларација дека Конгресот може и ќе дејствува дури и кога претседателот Трамп одбива да го стори тоа“.
Законот за новите санкции предизвика отпор кај претседателот Доналд Трамп кој вложи приговор.
Несогласување со најавените американски санкции изразија и сојузниците во Европската унија кои предупредија дека тие ќе имаат последици и врз европските компании кои се вклучени во заеднички енергетски проекти со Русија како например „Северен тек 2“, гасовод за снабдување на Европа со руски гас под Балтичко море.
Белата куќа по изгласувањето на законот во Претставничкиот дом соопшти дека претседателот Трамп се уште не решил дали ќе го искористи правото на вето и оти тоа ќе го сторел по гласањето во Сенатот.