Протестот е во организација на граѓанската иницијатива Комитет за одбрана на демократијата која заедно со опозицијата од есента 2015 година протестира против владејчката партија Право и правда поради задушување на судството, потчинување на јавните медиуми и чистки во државната управа.
„Качизмот како фашизмот ја уништува Полска“, „Ги поддржуваме судиите“, „Се родив во комунистичка Полска, немам намера да умрам во неа“, се само некои од паролите на протестот против двата закона со кои се укинува независноста на Врховниот суд.
Малгоржата Герсдоф, претседателка на Врховниот суд вели:
„Нацрт-законот гарантира дека министерот за правда има огромно влијание врз тоа кој работи во судовите, отпуштање на судии, дисциплински постапки. Тоа во нашето судство никогаш не било. Овој нацрт-закон што се однесува на Врховниот суд е неуставен“, вели таа.
Еден од учесниците на протестот Збигњев вели:
„Една група луѓе им ја наметнува својата волја на другите. Тие сакаат да си дозволат да имаат влијание врз сè“, вели тој.
Со него се согласува и Виктор кој оценува:
„Нашата влада се обидува да ги преземе највисокиот суд и судството во Полска. Всушност веќе тоа го има. Ние протестираме против концентрацијата на целата државна власт во рацете на еден диктатор кој е на чело на владејачката партија“, вели тој.
Полската владејачка партија и нејзиниот лидер Јарослав Качински кој формално е само пратник, но реално е и своевиден премиер, реформите во судството ги правдаат со потребата судовите да ја вратат довербата кај граѓаните, а Врховниот суд да си го врати авторитетот.
Но, експертите велат дека на владејачката партија и е важно да ја има контролата врз овој суд, бидејќи тој оценува дали изборите во земјата минале легално и слободно.
Против овие закони реагираше и Европската унија и Советот на Европа. Дел од демонстрантите решија да останат пред парламентот до вторник кога се очекува гласање за предложените закони.