Достапни линкови

Турција, една година од неуспешниот пуч


Турција пред годишнината од неуспешниот државен удар
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:16 0:00

Турција пред годишнината од неуспешниот државен удар

На полноќ во февруари годинава Ибархим Кабоглу дозна дека е цел на мерките што турските власти ги презедоа за неуспешниот државен удар во минатата година. „Господине вие сте во декретот“, му рекол колегата на 67 годишниот професор по уставно право преку телефон. Во декретот имало имиња на 4 илјади луѓе кои треба да бидат избркани од работа.

Пет месеци подоцна кога турската влада се подготвува да го прослави спречувањето на обидот за соборување на претседателот Реџеп Таип Ердоган, на професор Кабоглу се уште му е забрането да работи на Универзитетот Мармара.

Тој е само еден од 150 илјади луѓе кои се истерани од работа, околу 50 илјади се уште се во затвор, по неуспешниот државен удар на 15 јули лани кога дел од војската со авиони, тенкови и хеликоптери изврши напади врз парламентот во Анкара.

Властите соопштија дека пучот бил организиран од приврзаниците на исламскиот свештеник Фетула Ѓулен кој е во егзил во Соединетите држави.

Тие, како што вели заменик премиерот Нуман Куртулмуш, биле длабоко навлезени во армијата, училиштата и судовите и оти само со нивно апсење и истерување од работа би можело да се спречат натамошни обиди за државен удар.

„Зборуваме за околу 140 илјади луѓе кои беа отпуштени или суспендирани. 33 илјади се вратија на работа. Овој процес тече и ќе трае со години“.

Но, за опозицијата ваквите невидени репресивни мерки се катастрофални. Лидерот на Републиканската народна партија Кемал Киличдароглу вели дека Ердоган го искористил пучот како изговор да ги намали уставните права во земјата.

„Едно лице владее се. Сите овластувања на легислативата, правосудството и извршната власт се концетрирани врз едно лице. Да, има премиер и министри, но тие се формалност“.

Во април годинава беше одржан референдум со кој му се дадоа поголеми претседателски овластувања на Ердоган.

Тоа само дополнително ги влоши односите на Европската унија со Анкара и ги стави под знак прашалник неколку децениските амбиции на Турција да стане членка на Унијата.

Ердоган во изминативе денови одржа низа говори по повод неуспешниот државен удар. Централниот настан на кој тој ќе говори ќе се одржи на 15 јули во Анкара.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG