Достапни линкови

Македонија очекува политичка и финансиска поддршка од самитот во Трст


Домашните аналитичари велат дека Самитот ЕУ-Западен Балкан е одлична можност за добивање политичка поддршка за евроинтегративниот процес, но исто така и за добивање конкретна финансиска поддршка преку проектите кои произлегуваат од него

Добра можност за добивање поддршка од европските сили за евроинтегративните процеси на земјите од западниот Балкан, но и конкретна финансиска придобивка преку дел од планираните проекти. Вакви се очекувањата на македонската јавност од самитот во Трст, на кој премиерите на шест земји од регионот заедно со нивните колеги од земји членки на Унијата одржуваат разговори на високо ниво. Очекуваме самитот во Трст да даде појасна слика за тоа каде ќе оди Балканот во наредните пет години, особено затоа што мандатот на Комисијата завршува до 2019 година до кога и не се очекува проширување на Унијата, вели Александра Ивановска од Институтот за европска политика.

„За Македонија е доста важно тоа што рекоа дека ЕУ ќе ја финансира изградбата на железничката пруга на Коридорот 8, нешто што беше ветувано уште од 90- те години, кое пак е важно поврзување на Црното и Јадранското море. Исто така издвоени се 48 милиони за развој и иновација за мали и средни претпријатија, така да може да очекуваме дека од тоа ќе има и некаков бенефит и за Македонија. Сепак она што очекуваме да го слушнеме е дали ќе се земе малку поинаков пристап во однос на нашиот асоцијативен евроинтегративен процес,“изјави Ивановска.

Абдула Азизи, професор по европски студии од Штуловиот Универзитет вели дека самитот е добра можност за зголемување на соработката со соседните земји во повеќе сфери, економска, културна, политичка и сл.

„Невозможно е земјите да бидат дел од Европската Унија, ако не развијат добрососедски односи, особено во делот на економската соработка, културната дипломатија, почитувањето на Копенхашките критериуми кои се голем предизвик за земјите сериозно да почнат да ги решаваат своите внатрешни проблеми. Особено е добра можноста Хрватите и Словенците да ги споделат искуствата во однос на европската интеграција. Тоа е добра можност да се тргне посигурно кон развојот на земјите од западен Балкан, пред се во однос на моралната поддршка за развој на стабилни институции, владеење на правото, економската соработка итн.“, вели Азизи.

Деновиве евроамбасадорот во Скопје Самуел Жбогар изјави дека премиерите на Италија, Германија, Франција, Велика Британија, Словенија, Хрватска и Австрија од нивните колеги од Македонија, Србија, Косово, Црна Гора, Албанија и Босна и Херцеговина очекуваат потврда за силната посветеност на регионот кон евроинтегративните процеси.

Тој информираше дека за таа цел на земјите од регионот ќе им бидат одобрени средства од 200 милиони евра за реализација на седум проекти за поврзување. Се очекува ЕУ и земјите од регионот да потпишат договор за создавање на транспортна заедница, а приоритети ќе бидат надградба на соработката во економската сфера преку усвојување на акциски план за зголемена соработка во трговијата, безбедноста, борбата против тероризмот, прашањата за миграцијата, соработката меѓу невладиниот сектор, сузбивањето на корупцијата.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG