Достапни линкови

Разногласие меѓу институциите за каменоломот во Битола


Каменоломот кај Билбил Камен над Битола.
Каменоломот кај Билбил Камен над Битола.

Каменоломот кај Битола не работи веќе два месеца, оти немале Б интегрирана еколошка дозвола. Но Општината и Министерството бараат различни документи за издавање на дозволата.

Општина Битола бара едни документи, а Министерството за животна средина други за да биде издадена Б интегрирана еколошка дозвола за каменоломот кај Билбил Камен над Битола. Ваквото разногласие меѓу институциите за еден ист случај ги стави во дилема граѓаните на Битола во што и кому да веруваат.

Така, Секторот за заштита на животната средина при Општина Битола деновиве одби на компанијата концесионер на каменоломот за ископ на гранит, „Стентон ДОО“ да му издаде Б интегрирана еколошка дозвола зашто не доставиле оцена за влијанието врз животната средина. Од друга страна Министерството за животна средина во допис до фирмата изнесе дека потребен е само Елаборат, а не и постапка за оцена на влијанието врз средината.

„Еве официјално решение издадено од Општина Битола до операторот во кое децидно е наведено, се одбива барањето за издавање на Б интегрирана еколошка дозвола за површински коп за експлоатација на минерални суровини во Битола. Со ова решение се потврдија сите наши укажувања дека каменоломот не смее да работи во непосредна близина на градот влијаејќи негативно врз животната средина и здравјето на граѓаните“, изјави Горан Козаров, советник од СДСМ.

Според образложението на Општина Битола, пропуштено е подетално да се испита влијанието врз животната средина од каменоломот и можноста за јавноста да добие пристап до информациите релевантни за проектот, па сметаат дека е неопходно е да се направи оцена за влијанието врз животната средина.

За разлика од Општината, Министерството за животна средина во мислење испратено до концесионерот во 2015 година наведува дека не треба да се спроведува постапка за оцена на влијанието врз животната средина, туку само Елаборат за животната средина.

„Ние како одговорна компанија која има поднесено комплетно барање со сите потребни документи изненадени сме од одлуката на Општина Битола која донесе решение за неиздавање на интегрираната дозвола, иако комплетната документација што им ја имаме доставено содржи два елаборати за испитување на ПМ честички и е утврдено дека тие се во рамките на дозволеното и дека рудникот не е причинител на штетни звучни емисии. Прекршувањето на законот настанува од институциите кои незаконски не ни ја издаваат дозволата знаејќи дека документацијата е комплетна“, вели Пеце Стојановски од фирмата „Стентон ДОО“.

Рудникот не работи веќе два месеца откако овластен инспектор од Општината на фирмата и изрече глоба и забрана за работа зашто копале гранит без да добијат Б интегрирана еколошка дозвола. Рудникот е оддалечен на 300 метри од првите деловни објекти, а на 800 метри од населените места.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG