Достапни линкови

Парите за палмите да се потрошеле за социјала


Палми во центарот на Прилеп.
Палми во центарот на Прилеп.

Прилеп доби 22 палми, но тие не се прилагодија најдобро на условите. Граѓаните велат дека тоа се попусто фрлени пари. Според нив, требало да се вложат во помош на социјално загрозени семејства,

Од посадените 22 палми во центарот на Прилеп, три се исушени, барем таква е констатацијата ако се набљудуваат со голо око неделава, а другите повеќе личат на стебла, со по неколку зелени ливчиња, отколку на раскошни тропски растенија кои што, требаше да бидат ако не друго, декор на центарот на градот.

Но, од ЈП „Комуналец“, велат дека палмите се во добра кондиција и дека Прилеп има рецепт за нивна заштита и на ниски температури.

„Палмите се одржуваат и во летниот и во зимскиот период. Летниот период е нормално полесен, немаме некои трошоци околу одржувањето, освен вода и ѓубриво, не се третираат со никакви хербициди и пестициди, немаат ни потреба. Но,во зимскиот период нормално се појавуваат проблеми, кога температурите паѓаат 15 степени под нулата. Тогаш е потребна поголема ангажираност. Прилеп го најде начинот како да ги заштити и како да преживеат палмите“, вели портпаролката на ЈП „Комуналец“, Лилјана Силјаноска Пурдеска.

Од ЈП „Комуналец“ немаат информација колку чини оваа инвестиција.

„Тоа не го знаеме, значи наше е да ги одржуваме, сметаме дека ЈП „Комуналец“ добро си ја врши својата работа, палмите се посадени од ЈП „Комуналец“, но цената колку чинат палмите, каде се набавени и колку не е во наша надлежност“, вели Силјаноска-Пурдеска.

За одлуката да се посадат палми во Прилеп, и висината на инвестицијата не добивме одговор ниту од Општина Прилеп. Но, ако се тргне од фактот дека за сите 1.100 набавени палми во Македонија, Владата вложила околу 522.000 или преку половина милион евра, тогаш една палма чини просечно околу 500 евра.

Тоа се попусто фрлени пари, наместо наменски вложени средства, коментира прилепската чаршија. Граѓаните разочарани oд фактот што Прилеп е град на „белата чума“, на отсуство на економски развој, град на невработени и социјални случаи, сметаат дека влогот од околу 10.500 евра би бил многу поразумен, ако парите се потрошеле за помош на социјално загрозени семејства, или за семејствата што имаат намера да отворат некоја скромна работилница за да си обезбедат егзистенција. Зашто висината на надоместокот за социјална помош по семејство не надминува 50 евра, а субвенциите за нови бизниси се околу 3.000 евра. Во овој случај, не само што семејствата немаат ефект, туку овие палмини стелба го нагрдуваат центарот на градот.

  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG