Достапни линкови

Белата куќа информирана за врските на Флин со Русија


Белата куќа знаела дека Флин може да биде уценуван од Москва
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:18 0:00

Белата куќа знаела дека Флин може да биде уценуван од Москва

Поранешната вршителка на должноста министер за правда на Соединетите Држави, Сели Јејтс, во сведочењето во Сенатот изјави дека ја предупредила Белата куќа на Доналд Трамп за врските на тогашниот советник за национална безбедност Мајкл Флин со Русија. Претходно Трамп вината за случајот Флин ја префли на Барак Обама.

Сели Јејтс, која во почетокот на годината кратко време беше вршител на должноста министер за правда, изјави дека на 26 јануари годинава му кажала на советникот на Белата куќа Дон Мекган дека Флин не ја кажал вистината за неговите контакти со рускиот амбасадор во Вашингтон Сергеј Кисљак.

Јејтс, која дојде на таа функција за време на администрацијата на Барак Обама, на сведочењето во сенатскиот поткомитет за правда изјави дека страхувала оти Москва би можела да го уценува Флин.

Имено, како што изјави таа, и Москва знаела оти тој лажел за неговите разговори со амбасадорот Кисљак за можноста за олеснување на американските санкции врз Русија.

„Русите исто така знаеа за тоа што сторил генералот Флин. И Русите, исто така, знаеа дека генералот Флин ги довел во заблуда потпретседателот и другите“, рече таа.

Според Јејтс, логиката вели дека не би сакале да имате советник за национална безбедност врз кој влијание имаат Русите.

Пензионираниот генерал Флин, кој му беше советник на Трамп за време на претседателската кампања, стана централна фигура во истрагата за сомневањата за руското мешање во претседателските избори минатата година и за евентуален дослух меѓу изборниот штаб на Трамп и Москва.

Русија постојано демантира дека се мешала во американските избори.

Претседателот Трамп во понеделникот се дистанцира од Флин, наведувајќи на Твитер дека тој ја минал безбедносната проверка за време на неговиот претходник Обама.

Флин во тоа време беше сменет од местото директор на военото разузнавање по што стана голем приврзаник на Трамп.

Тој во февруари поднесе оставка на функцијата советник за национална безбедност откако во медиумите се појавија извештаи дека пред инаугурацијата на Трамп тој разговарал со рускиот амбасадор Кисљак.

Според некои наводи, и Обама го предупредил тогаш избраниот претседател Трамп да не го назначува Флин на местото советник за национална безбедност.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG