Во прилепската чаршија со месеци главни теми на граѓаните се сиромаштијата и политиката. Притиснати од сѐ понискиот животен стандард и неизвесноста за нивната иднина, прилепчани се разочарани од реалноста што ја живеат.
„Безработица и безобразлук на институциите комплетно.“
„Еве сега на старост се вработив, ама што ако се вработив, со 10 или со 20 илјади денари што ќе направиш? Тие пари јас ги земав пред 15 години и тогаш не стасуваа, а не денес. За 20 дена, само така да ги гледаш парите ќе си отидат. “
„На прво место е сиромаштијата, на второ е корумпираноста на власта“, велат дел од граѓаните со кои што разговаравме и коишто инсистираа на својата анонимност.
Тие се незадоволни од целокупната општествено-политичка состојба во државата, но сепак се исплашени дека можеби поради своите изјави би имале одредени последици во општеството. Затоа анонимно испраќаат свои пораки до политичарите, што поскоро да се реши кризата и да продолжат со нормален живот. Имаат различни видувања околу решението на кризата, а меѓу нив, сретнавме и граѓани кои се скептични дека наскоро ќе се дојде до политичко решение.
„Тој што си е крив, да се предаде и да си го отслужи своето. Мир и влада и решавање на сите проблеми во институциите.“
„Нема ни да почне, ниту да се реши со овие политичари и едните и другите, кои и да се.“
„Мора да се договорат партиите, да се оди напред и готово.“
„Да водат сметка за работниците, да се зголеми платата, оти стандардот е висок, не можеме ништо да купиме.“
„Нека зема 9.000 денари, па да види како се живее, 9.000 нека зема.“
„Штета што оваа држава родила политичари како Заев и тие околу него, коишто воопшто ништо не ги интересира за сопствениот народ“, велат анкетираните прилепчани.
Во Прилеп, според податоците од Меѓуопштинскиот центар за социјална работа и по последното поднесување барања со тешки социјални проблеми се соочуваат околу 1.650 семејства, корисници на социјална помош и тоа за трите општини: Прилеп, Кривогаштани и Долнени.
Но, ако се земат предвид огромниот број иселени и семејства што во моментов се подготвуваат за да ја напуштат државата, јасно е дека социјалната слика на Прилеп и двете помали општини е далеку потешка.