Достапни линкови

Рудници во Гевгелија нема, ќе има ли нов Клинички?


Падините на планината Кожуф, на патот од Гевгелија до скијачкиот центар.
Падините на планината Кожуф, на патот од Гевгелија до скијачкиот центар.

Референдумот во Гевгелија против рудниците за злато, повторната најава за нов Клинички центар и информацијата дека Иванов ќе апси „пучисти“, предизвикаa најмногу ваши коментари.

Гевгеличани избраа живот и чиста животна средина наместо рударски комплекси на планината Кожуф. Деведесет и седум насто од граѓаните гласаа против отворањето рудници на територијата на општината. А вашите коментари, почитувани, на нашата Фејсбук страница се мошне позитивни за овој став на граѓаните на Гевгелија.

„Браво за Гевгелија. Избра живот, а не смрт“, напишал Рамазан Ибиши, а Бранкица Бошковска додава: „На Гевгелија не ѝ треба минималец за во рудник“. Хари Стојаноски се исчудува: „Не помогнаа ни муабетите на Иванов за златото во Анска Река?“

Рамис Велиовски предлага да се копа во Скопје, на Водно, „на Грујо и Мијалков плацовите“, вели, „може таму се скриени милијардите на народот“.

Но, Александар Петровски како да заборава на животната средина и е малку злобен: „Зошто да работат во Гевгелија кога можат да дојдат во Скопје и да му фатат работно место на скопјанецот“.

ВМРО-ДПМНЕ пред изборите во 2014 година најави изградба на нов Клинички центар кој требаше да биде готов годинава. Новиот рок што го најави техничката влада за негова изградба е речиси четири години, гласи информацијата објавена и на веб-страницата на РСЕ, а фановите се подбиваат. Дани ЕЛ напишал: „Седмо перење пари... па здравје до десета мајка идеме... остваруваме!“ А Миодраг Миладиновиќ само кратко коментирал: „Бедници!“

Нашиот редовен преглед на неделниот печат предизвикал исто така ваши реакции, особено пишувањето на Фокус дека Иванов се подготвувал од „Јасен“ на Караџица близу Скопје да командува при евентуална воена состојба и да апси „пучисти“.

Билјана Станикиевска постирала: „Да се најде некој маж во државава да нè спаси од лудаков или пуштете нè нас жените да ве спасиме.“

А Лаки Ламалари смета дека пучисти се оние од ВМРО-ДПМНЕ, па вели: „Да даде Господ да се затворат и да се ослободи народот од една страшна мафија и убијци – од Груевски, Јанкуловска, Иванов, Мијалков и многу други“. Менде Матевски коментирал: „Ќе го имитира Ердоган“, а Божин Маркоски препорачува: „Сите нека нè поапси кога сме лудаци“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG