Достапни линкови

Мекејн нема соговорник во Македонија


Американскиот сенатор Џон Мекејн
Американскиот сенатор Џон Мекејн

Американскиот сенатор Џон Мекејн ја заобиколува Македонија, оти не е решена политичката криза и затоа што тука нема соговорници. Неговиот потег е силна порака дека нешто не е во ред со нашата земја, сметаат аналитичарите.

Речиси цел Балкан со исклучок на Македонија, е дел од турнејата на американскиот сенатор Џон Мекејн, кој во периодот од 7 до 15 април разговара за актуелни регионални прашања со претставници на секоја од земјите што ги посетува. Тоа што овој влијателен американски републиканец, кој е и поранешен кандидат за претседател на Соединетите Држави, ја заобиколкува Македонија, според аналитичарите е силна дипломатска порака. Скоро со сигурност може да се претпостави дека советот кој го добил сенаторот е да ја заобиколи Македонија, каде што внатрешно-политичката ситуација не е разрешена на начин на којшто се практикува во демократска земја како што се Соединетите Држави, вели професорот Денко Малески.

„Таму и кога не е по волја гарнитурата која победила на избори примопредавањето се врши на еден пристоен и цивилизиран начин и се преземаат обврски кои произлегуваат од демократскиот процес тоа да се направи на еден достоинствен начин. Тоа кај нас не е направено, што ја дисквалификува сегашната гарнитура, која го попречува демократскиот процес, да биде соговорник на истакнати личности од демократскиот свет и мислам дека тоа е суштината на проблемот, зошто овој влијателен сенатор, кој има силно влијание врз надворешната политика на САД, на наша голема жал, нема да дојде во Македонија“, изјави Малески.

Тоа што Мекејн не доаѓа во Македонија е силна дипломатска порака дека нешто не е во ред со нашата земја, смета професорот Мерсел Биљали.

„Единствено не посетуваат само тие дипломати кои треба да не потсетат дека треба да ги извршуваме нашите обврски. Тоа ниво на американски дипломати се однесува на државите во кои релативно нормално се одвиваат состојбите, а ние сме многу далеку од нормалното. Јас сепак мислам дека Американците се загрижени за нашата состојба и верувам дека тие многу скоро ќе се вклучат во решавањето на проблемите дома“, изјави Биљали.

Бугајски: Москва отвора фронт на Балканот преку Македонија

Во меѓувреме, американскиот дипломат и експерт за Балканот Јануш Бугајски, во својата последна анализа пишува за засиленото влијание на Русија на Балканот. Според него, Москва отвора нов фронт на Балканот со намера да се разгори политичката криза во Македонија. Целта, пишува Бугајски, не е само да се намалат шансите за влез на Македонија во НАТО и во ЕУ, но уште повеќе да се внесе Балканот во конфликтна зона, што ја илустрира слабоста на Западот, а го засилува влијанието на Русија.

„Силната дипломатија може да се комбинира со ветување за конечно влегување на Македонија во НАТО, без разлика под кое привремено име. Ова ќе бара деблокирање на две пречки за напредокот на Македонија: опструкцијата на новата биетничка коалициона влада која останува посветена на државниот интегритет и вето на Грција за македонското членство во НАТО. Таквите чекори ќе ги одвратат и пан-албанските и пан-српските искушенија. И што е најважно за САД, ќе ги намалат руското мешање и провокации на Балканскиот полуостров,“ пишува Бугајски во својата анализа.

Инаку, за време на вчерашната посета на Мекејн во Белград, српскиот премиер Александар Вучиќ и Мекејн разговарале и за состојбата во Македонија и во регионот. По средбата Вучиќ изјави дека за стабилноста и мирот во регионот многу е важно на мирен начин да се реши проблемот со формирањето на Влада во Македонија.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG