Достапни линкови

Доцнат парите за трето дете


Моника Степаноска и нејзиниот син Андреј од прилепското село Тополчани
Моника Степаноска и нејзиниот син Андреј од прилепското село Тополчани

На дел од семејствата не им се исплатени парите за трето дете за јануари и февруари. Се сомневаат дека тоа е поради политички причини, зашто други семејства, блиски до ВМРО-ДПМНЕ, ги добиле парите.

Моника Степаноска од прилепското село Тополчани е мајка на три деца, а за најмалиот Андреј, којшто на крајот на овој месец ќе наполни 7 години не примила родителски додаток од почеток на годинава. Таа е загрижена за опстанокот на семејството, за иднината на своите деца, зашто како земјоделско семејство единствен приход во долгите зими им се овие 8300 денари, надоместок за трето дете, согласно со Законот за измени и дополнувања на законот за заштита на децата.

„Еве чекаме и субвенции, а субвенции нема. Значи како можеш да преживееш од еден тутун само. Родителскиот додаток е 8300 денари и тоа ни беше секој месец, земавме, сега и тие ги доцнат. Значи од јануари немаме ништо земено, не сме никој вработен, а каде и да се обратиш бараат партиска книшка“, реагира мајката Моника Степаноска.

Во меѓувреме, вели, многу семејства со коишто контактирала и таа и нејзиниот сопруг ги известиле дека парите им се исплатени на трансакциска сметка на мајката.

„Имаме еден пријател, тој е од ВМРО-ДПМНЕ, ни рече дека за јануари и февруари зел пари, рече слободно одете, земете си. Одиме, за нас нема. Јас прашав зошто нема за нас уште, зашто луѓе други имаат земено, а ние сѐ уште немаме земено, ни рекоа дека само еден човек бил вработен и не можел да си ги среди работите како што треба“, се жали Степаноска.

Од Меѓуопштинскиот центар за социјална работа во Прилеп не добивме одговор конкретно за овој случај, со образложение дека согласно Законот за заштита на лични податоци, без согласност на мајката Моника Степаноска, не можат да нѐ информираат. Оттаму не демантираат дека има семејства коишто веќе добиле родителски додаток за првите два месеца од годината, но се категорични во ставот дека до крајот на овој месец, сите семејства ќе ги добијат парите.

Во своите политички говори, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен премиер на Македонија, Никола Груевски со години стимулира многудетни семејства.

„Нема образование без ученици, нема општини без луѓе, нема држава без народ, нема иднина без децата. Што да се прави во една ваква ситуација? Секоја стратегија е бесполезна без лична одлука на поединецот, лична одлука дека децата се нашиот приоритет број еден.“

Вака говореше Груевски уште пред 5 години, на одбележувањето на Денот на ВМРО, пред своите сопартијци.

Не само семејството Степаноски од Тополчани, туку и многу други од вкупно 1000 корисници на родителскиот додаток за трето дете само од Прилеп, токму затоа бараат исполнување на ветувањата на власта, зашто нивните деца им се пред сѐ во животот, а не омилена популистичка синтагма во говорите на политичарите. Бараат, наместо популизам, реална грижа и одговорност на институциите и државата кон нивните семејства.

  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG