Достапни линкови

Неделници: Во фокусот Иванов, Ванхојте, Бејли


Фокус насловува „Претседател со пречки во развој“. Република пишува дека „Вашинготон го менува курсот на Балканот “, а во Глобус ќе прочитате „Да не заборавиме, тие ја убија демократијата“.

Фокус- Претседател со пречки во развој

„Претседател со пречки во развој“ е насловен уводникот во најновиот број на Фокус, всушност, анализа на однесувањето на претседателот на Државата Ѓорѓе Иванов и последиците за сегашната состојба во неа. И потоа неделникот наведува дека биле бадијала 67 потписи за обезбедено собраниско мнозинство, џабе, вели, Заев читаше владина програма во која нема двојазични пари и слични курирско-куртонски спинови.

„На телефонската си секретарка, која претенциозно се нарекува претседател на Република Македонија, Пастирот стиснал двојче каде што е снимена пораката -изјави дека ПРЕЧКИТЕ за давање мандат не се отстранети‘“. И така, претседателот со пречки во демократскиот и уставно-правен развој и „оствари“ – заклучува авторката на уводникот и иронизира дека Груевски треба да добие признание што создал совршенство од „заробена држава“.

Алал вера, мајсторе! – извикува авторката, па продолжува со апел Хорхе да му додели орден за „ваја направија“. Коце, пак, да посвети еден споменик, грандиозен, паралелно со „Воинот на коњ“, а да го изваја Вале како „Пастирот со 450 илјади овци на коњ“. Уводникот завршува со благодарност до пастирот што помогнал, цитирам, „да разбереме, што нè просветли, колку морони и шајшутки имало меѓу нас“.

Република- Вашингтон го менува курсот на Балканот

Најновата Република тврди дека „Вашингтон го менува курсот на Балканот“ и дека „Бејли ќе одговара пред Американците, Заев пред Македонците“. И смета дека е прашање на време кога Заев конечно ќе разберел дека неговата судбина е во рацете на народот, па додава дека тоа ќе се случи во исто време кога ќе сфател дека веќе не може да се потпира на поддршката на „чадорот“, кој досега го штител од граѓаните и од институциите за да може, како што пишува, „да го одработи планот за разнебитување на државата“.

Неделникот потоа пишува дека вистинскиот лидер на опозицијата во земјата, амбасадорот Џес Бејли, тукушто добил најава за петта истрага за неговата работа и дека тоа покажувало дека Вашингтон го менува курсот во однос на Македонија.

Глобус- Да не заборавиме

„Да не заборавиме“, гласи насловот на текстот во Глобус од белгискиот дипломат, Ванхојте, кој едно време се обиде да биде медијатор за приближување на ставовите меѓу опозицијата и власта на Груевски во врска со извештајот на германскиот дипломат Прибе, кој во името на ЕУ направи вивисекција на состојбите во македонскиот политички организам во кој, главно, се посочува потребата од итни реформи во судството, службите за безбедност, состојбата во медиумите, изборните девијации.

Ванхојте потоа потсетува на случувањата на политички план, за да почне со насилното гонење на опозициските пратеници и на новинарите од Собранието во 2012 година и потоа, да го наведе последното: „И пак избори во 2016 година. Ситуацијата се влоши: Собранието воопшто не заседава, а на мнозинството пратеници не им е дозволено да ја состават новата влада“.

Белгиецот завршува со заклучокот дека оние што се вклучени во нелегални активности се исплашени и дека тоа е причината за промена на судиите, да се контролира судството и да се блокира СЈО. На „високите владини и партиски функционери“, пишува Ванхојте, не им е гајле за иднината на Македонија – иако глумат загриженост. „Да, граѓани на Македонија, според нив дозволено ви е да протестирате против албанската платформа сè додека молчите и не го спомнувате зборот Прибе, и додека не заборавите дека тие ви ја убија демократијата“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG