Случајот со осомничениот Сеад Кочан за незаконско добивање 17 милиони евра на наместен тендер на ЕЛЕМ се чини ќе го преземе вниманието на јавноста од политичката и институционалната криза поради недоделувањето на мандатот на лидерот на СДСМ, Зоран Заев од страна на претседателот Иванов и покрај обезбеденото мнозинство во Собранието; а можеби и не, затоа што, судејќи според вашите реакции на Фејсбук страницата на Радио Слободна Европа кризата сепак ве предизвикува на мноштво коментари.
Но, по ред. Зија Јонузоски за случајот Кочан постирал: „Денес сме сведоци во РМ на досега непознати работи во историјата на правосудството за синхронизирани дејствија во одбрана на организираниот криминал од што во иднина некој нов правник најверојатно ќе направи докторат“.
Изјавата на адвокатот на Кочан дека е незаконски определениот притвор на Кочан, Сашо Герасимовски го коментира со иронија: „Незаконски е во Македонија да се притвораат крупни риби, а и во Уставот не е изрично наведено. Битно, сите што крадат ќебапи се на сигурно“, а Аџи Јанкула напишал: „Законски ли е да украдеш милиони од граѓаните за да изигруваш балкански плејбој со српски певаљки, ало адвокате, а?“
На нашата Фејсбук страница се коментираат и заострените односи помеѓу Турција и Холандија – со постови со осуда на Ердоган и неговата политика, но и со поддршка за неговите потези, како и со негативни коментари за Холандија и за ЕУ.
Зејни Биљали, на пример, вели: „И ти зборуваш за демократија, ем султан, ем демократ не бива, тебе Путин знае да те среди“, а Ристе Ристов смета дека Ердоган ќе ја изолира Турција од светот и дека народот таму ќе страда зашто, како што напишал: „Во криминал си до гуша, еден ден светот ќе се кае што поддржувале криминалец како Николче...“
А што се однесува на „македонцките работи“:протестите „За заедничка Македонија“ продолжуваат, за време на викендите со музики, песни и ора по парковите, со возење велосипеди, а продолжуваат и вашите постови на таа тема. Драган Цветковиќ вели: „Овие се упорни да ја спасат „Македонија на криминалците... “, а Али Мемети коментира: „Немам ништо против овие, ги лаже некој, и мене може да ме лажат некој ден, ама кога ќе ја дознаат вистината за што протестирале, дали ќе се извинат на чесниот народ и на луѓето што ги навредуваат и на тие новинари...многу брзо ќе излезе патриотизмот на Никола на виделина зошто не ја дава власта“. Милан Милиќ, пак, им предлага на демонстрантите: „Утре рекреативно засадете фикуси низ градов... пролет е!“