Достапни линкови

Мистериозната смрт на Крпач, најдобра истражувачка сторија


Македонскиот институт за медиуми ја додели наградата „Никола Младенов“ за најдобра истражувачка сторија во 2016 година.
Македонскиот институт за медиуми ја додели наградата „Никола Младенов“ за најдобра истражувачка сторија во 2016 година.

Сториите за смртта на Коста Крпач, за застрашувачките последици од термоцентралата Осломеј и за смртноста на новороденчињата се трите новинарски приказни добитници на наградата „Никола Младенов“ за најдобра истражувачка сторија за 2016.

Иако фактите зборуваат дека е тешко да се дојде до информациите и податоците кои ги бара една истражувачка сторија, а тој труд на новинарите тешко се валоризира, новинарот Миомир Серафиновиќ е оптимист дека сторијата за мистериозната смрт на Коста Крпач, за која заедно со Снежана Лупевска Созен се добитници на првата награда за најдобра истражувачка сторија Никола Младенов, ќе добие своја разрешница.

„Мислам дека после долги години пад, граѓаните почнаа да им веруваат на истражувачките новинари. Иако има и голема група граѓани кои на овие вакви приказни и известувања за одредени пропусти на владејачката гарнитура, гледаат со нетрпеливост. Меѓутоа сметам дека последната година има пресврт со враќање на довербата во новинарството и покрај тоа што и ние како и другите земји го имаме проблемот со пласирање на лажни вести“, вели Серафиновиќ.

Втората награда ја доби новинарот Зоран Јовановски за стријата Пеплиште на смртта, објавена во емисијата 360 степени на телевизијата Алсат-м. Приказната ги открива застрашувачките последици по здравјето на луѓето и животната средина предизвикани од работењето на термоцентралата Осломеј во време кога државата најавува дека ќе го продолжи нејзиниот животен век.

„Ја имав таа среќа кој не само што беше свиркач во приказната туку имаше доволно храброст самиот да застане пред камера и да зборува за последиците кои ги предизвикува компанијата во која и самиот тој работи. Да има повеќе такви луѓе како Џафер Џафери којшто се појавува во сторијата мислам дека ќе имаме поубав свет и поубаво општество“, изјави Јовановски.

Третата награда ја доби новинарката Ирена Мулачка за серијалот текстови за зголемената смртност на новороденчиња на скопската клиника за гинекологија, објавени во неделникот Фокус.

„Морам да се заблагодарам на дел од лекарите таму, кои сакаа сето ова да излезе на виделина, како и на мајките кои храбро излегоа и се спротиставија на сите закани и притисоци што за време на целото објавување на приказната беа проследени од страна на менаџерскиот тим на клиниката и од Министерството за здравство“, рече Мулачка.

Пофалници за својата истражувачка работа добија и новинарите Владо Апостолов и Стојанка Митреска.

Директорката на Македонскиот институт за медиуми Билјана Петковска истакна дека жири комисијата го забележала унапредувањето на квалитетот на телевизиските стории и на тимската работа на новинарите.

„Иако некои од пријавените телевизиски прилози не ги задоволуваат критериумите на добра истражувачка сторија и жанровски се поблиски до дневно-информативното новинарство, охрабрувачки е зголемениот интерес на телевизиите како се уште највлијателни медиуми да практикуваат истражувачко новинарство за општествено значајни теми“, рече Петковска.

Инаку, на годинешниот конкурс се пријавиле 39 автори, со вкупно 69 стории обработени во 97 текста/прилози, објавени на интернет портали, телевизии и во неделници.

Наградата за најдобра истражувачка сторија се доделува традиционално по шеснаесетти пат, како дел од заложбите на Македонскиот Институт за медиуми за унапредување на професионалното новинарство и на демократските вредности во земјава.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG