Достапни линкови

Неделници - Чекајќи го Ахмети


Лидерот на ДУИ Али Ахмети.
Лидерот на ДУИ Али Ахмети.

Во процес сме на дефакторизација на Груевски, пишува Фокус и наведува дека се чека Ахмети да измисли топла вода. Република насловува - „Првата фаза договорена во Мала Речица – Заев ја почна федерализацијата на Македонија“. И Глобус го анализира однесувањето на лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

Фокус – Чекајќи го Ахмети

„Во процес сме на дефакторизација на Груевски“ – читаме во уводникот на најновиот Фокус, додека, како што пишува авторката на текстот, „ја следиме во живо трагикомедијата во два чина, ’Чекајќи го Годо‘, во случајот наш – чекајќи го Ахмети веќе два месеца да измисли топла вода“. Впечаток на Фокус е дека Командант Годо игра на две купчиња. „Да му учини на Груевски – да ја развлече одлуката временски до апсурд, ама за да ја испоштува и казната од гласачите, преполовен број мандати во Собранието, да се усогласува маратонски со Заев. „А оној што ’му тече низ ногавици‘, ако (о)стане лидер на опозиција, ФАКТОРОТ што ја зароби државата, плаче за ’дефакторизација на македонскиот народ и редефинирање на државата‘!“ – резигнирано продолжува авторката на текстот, потсетувајќи дека тоа е оној „што му го редефинираше идентитетот на народот од словенски во антички, што ги факторизира како народ само неговите верници, а се прогласи за браник на националните интереси! Неговите лични интереси – спас од затвор, сега се национални интереси!?“ – се чуди Фокус и поентира:

„Не е свесен дека процесот на негова дефакторизација е бајаги напреднат!?“

Република - Заев ја почна федерализацијата на Македонија

Покрај анализите на интервјуто на американскиот амбасадор во земјава, Бејли, при што неговите зборови, би се рекло, своеволно се толкуваат од призмата на Република, неделникот уште на насловната ја најавува својата „cover story“: „Првата фаза договорена во Мала Речица – Заев ја почна федерализацијата на Македонија“. Неделникот потсетува на својата далекувидост кога уште пред една година објавил дека процесот, цитирам, „веќе е започнат и дека Заев ја има заложено унитарноста на државата“. Фазите би се одвивале, како што предупредувала Република, прво преку зголемена употреба на албанскиот јазик во најважните државни институции и поделба на функции, потоа воведување двојазичност на целата територија на државата и на крајот, според Република, третата фаза би значела само формализирање на федерализацијата. „Виткањето на кичмата“, за кое пред некое време зборувал Заев, сега се одвивало пред „очите на целата јавност“.

Глобус - Никако да окопнат зимските мразеви

И Глобус го анализира однесувањето на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, констатирајќи дека, „Никако да окопнат зимските мразеви“. Поточно, „Дали и кога ДУИ ќе се смилува и ќе прифати да учествува во Владата на СДСМ, а со тоа да го најави политичкото отоплување на кризата која толку силно нè опседнала како зимските мразеви?“ – пишува авторот на анализата. Па потоа објаснува дека ДУИ на овој начин му овозможува на ДПМНЕ, во овој интер-регнум да продолжи да ги користи ресурсите на власта, а потоа да создаде илузија дека во неговата поддршка кон Ахмети и Заев има разлика, односно, дека првиот кон вториот барал и евентуално добил повеќе кај „албанското прашање“. Потоа, му прави простор на Груевски да се прилагоди на опозиционата позиција со веројатно поништување на сите оние докази за неговото владеење... кои можат да му направат штета и нему ама и на дружината на Ахмети. Многу се институции и ситуации кои би компромитирале нечие владеење од 11 години, од кои 9 се заеднички! – нагласува авторот на текстот во Глобус.

„Второ, Ахмети се обидува“, вели авторот, „со зголемување на јазичните апетити во преговорите да покаже дека ДПМНЕ и СДСМ не се исти по тоа прашање, туку дека Заев е подготвен да оди за некоја јота понатаму, за Груевски да може да гради своја националистичка стратегија од март натаму, бидејќи сега таа теза за „комуњарите предавници“ е блокирана зашто многу сведоци и документи му ја побиваат бидејќи постојат негови потписи или амини во однос на побарувањата на интегративците.

Третата практична позиција на ДУИ, сега и на Алијансата на Села, според Глобус, се состои во евентуалното билдање на сопствените националистички мускули во пресрет на идните избори и намалување на големата позитива што во „нивниот двор“ ја освои Заев.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG