Достапни линкови

Намалувањето на девизните резерви, не е алармантно


Девизните резерви во јануари во однос на декември лани се намалиле за 56,3 милиони евра. Според експертите, се работи за нормално сезонско намалување на девизните резерви и очекуваат износот да биде надоместен во иднина.

Нема простор за загриженост од намалувањето на девизните резерви во јануари, велат упатените и од Народна банка. Во минатиот месец е забележано намалување на девизините резерви за 56,3 милиони евра споредбено со претходниот месец, односно во декември, минатата година, покажуваат најновите податоци на Народната банка.

Девизните резерви, како што наведуваат од централната банка, се намалиле поради начинот на евиденција на склучените трансакции, како и поради исплатени обврски кон надворешни кредитори и одливите по достасани девизни депозити на домашните банки.

Според поранешниот гувернер на Народна Банка, Љубе Трпески се работи за нормално сезонско намалување на девизините резерви.

„Дел се должи на отплатите, а дел на флуктуацијата на конвертибилните валути во светот, на доларот и еврото, бидејќи ние најголемиот дел од девизните резерви ги чуваме во евра. Сега во зависност од односот евро-долар, а државните резерви се искажуваат во долари може да има намалување или зголемување во однос на тоа дали еврото девалвира наспрема доларот“, вели Трпески.

Тој додава дека падот на девизните резерви не е алармантен и очекува износот да биде надоместен, но посочува и дека политичката криза си има свое влијание.

„Состојбата на девизните резерви не зависи само од Народната банка и како се води монетарната политика, туку до вкупната економска политика каква ќе биде во земјата, а овие неизвесности околу формирањето на новата влада може да имаат влијание. Треба брзо да се формира влада и да се усвои економската политика, која ќе ја одобри Парламентот и да се продолжи со работа“, додава тој.

Вкупниот износ на девизните резерви сега изнесува 2 милијарди и 557 милиони евра. Во текот на минатата година девизните резерви се зголемија како резултат на задолжувањето на земјата со еврообврзницата.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG