МВР - Изборите мирни со мали инциденти
Изборниот ден помина безбедно со мали инциденти, оцени Јордан Ламаноски, помошник министер за односи со јавност во МВР на вечерашната прес-конференција.
„За разлика од поранешните изборни циклуси може да се каже дека изборите поминаа многу помирно. Поднесени се неколку кривични пријави за поситни инциденти и повикани се во полициска станица неколку лица за пишување графити и оштетување предмети“, истакна Ламаноски.
ДИК - Изборите поминаа беспрекорно, резултати околу полноќ
Денеска имавме успешен ден. Изборите во организациско - техничка смисла поминаа беспрекорно, изјави вечерва претседателот на Државната изборна комисија, Александар Чичаковски.
„Со оглед дека во рок од пет часа по завршување на гласањето сите избирачки одбори треба да ги предадат оригиналните записници до ОИК, целосна слика се очекува вечерва околу полноќ“, рече Чичаковски.
Шилегов – Победуваме во големите градски средини
Режимот на Никола Груевски станува минато и веќе се слави на плоштадите, рече портпаролот на СДСМ и носител на кандидатската листа во изборната единица 6, Петре Шилегов на прес-конференција во партиското седиште неколку минути пред 22 часот. Тој рече дека СДСМ извојувале победа во големите градски средини.