Котевски - Граѓаните гласаа за крај на кризата
Граѓаните гласаа за крај на кризата во која СДСМ ја втурна Македонија, рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Иво Котевски на прес-конференција во партиското седиште. Тој оцени дека изборите поминаа без сериозни инциденти, а граѓаните слободно и демократски гласаа. Котевски рече дека е рано да се коментира големата излезност на граѓаните на гласање, но рече оти верува дека тоа се должи на нивната голема мотивираност. На новинарско прашање рече дека е оптимист во врска со изборните резултати.
Затворени гласачките места
Во 19 часот се затворени избирачките места на кои граѓаните на Република Македонија можеа да гласаат на предвремените парламентрани избори. По затворањето на избирачките места ќе можат да гласаат само лицата кои во тој момент се затекнале во објектот каде што се гласа.
Манчевски – Големата излезност покажува дека граѓаните сакаат промени
Потпретседателот на СДСМ, Дамјан Манчевски, веднаш по завршувањето на денешното гласање изрази голема благодарност до граѓаните за големата излезност. На прес-конференцијата во партиското седиште во Скопје, тој рече дека големата излезност покажува дека граѓаните сакаат промени. Манчевски рече дека одредени стари навики на одредени групации блиски до власта продолжија и се обидоа да го спречат граѓаните да гласаат, но оти тие не се доволни.
Во Неготино и Демир Капија гласале три четвртини од гласачите до 17 часот
Во Неготино до 17 часот гласале 73,41 отсто од избирачите, а во Демир Капија 74,94 проценти, информираа Нетка Веселинова и Стојна Топчиева, претседатели на општинските изборни комисии во двете општини.