ДИК - До 17 часот излезноста 60,38 отсто
До 17 часот гласале 60,38 отсто од регистрирани гласачи, соопшти претседателот на ДИК, Александар Чичаковски на прес-конференција во 18 часот. Најголема излезност има во четвртата изборна единица каде гласале 67,15 отсто од гласачите. Во четворката се води битка меѓу лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, Никола Груевски и Зоран Заев. Најмала излезност, пак, има во шестата единица, каде гласале 48,82 отсто. Чичаковски вели дека не се забележани поголеми нарушувања на изборниот процес, освен граѓани кои не можеле да се најдат на списокот за гласање.
Во првата изборна единица гласале 66,38 отсто од гласачите, во третата изборна единица на гласање излегле 64,89 од избирачите, во двојката 59,76 отсто, во петката 58,39 отсто.
Цивил – Над 2.000 луѓе немале можност да гласаат
Невладината организација Цивил, која ги следи изборите со 308 набљудувачи, оценува дека изборниот ден протекува со голем број нерегуларности. Претседателот на Цивил Џабир Дерала рече дека избирачкиот список е во хаос и повеќе од 2000 луѓе немале можност да го остварат своето гласачко право.
Битолчани масовно на гласање
Околу седум проценти повеќе битолчани излегле да гласаат на овие предвремени парламентарни избори за разлика од оние во 2014. Според податоците на ДИК, до 13 часот излезноста во Битола е 41,48 проценти, а на минатите избори во исто време била пресметана излесност од 35 проценти.
До 17 часот во Дебар одѕивот 43, во Центар Жупа 27 отсто
Во општина Дебар до 17 часот своето граѓанско право го оствариле 7.648 од вкупно 17.461 граѓани. Oдѕивот на гласачите во општина Центар Жупа до 17 часот е 27 отсто.