Достапни линкови

Земјоделци од кумановско добиле соларна сушара за билки


Состанок на здружението за рурален развој „АБЕР 2015“ од Старо Нагоричино, Куманово.
Состанок на здружението за рурален развој „АБЕР 2015“ од Старо Нагоричино, Куманово.

Сушарата ќе се користи за потребите на членовите на здружението „АБЕР 2015“ за подобрување и модернизирање на земјоделството во Североисточниот регион на Македонија, велат од здружението.

Здружението за рурален развој локална акциона група „АБЕР 2015“ од Старо Нагоричино во текот на годината ги реализирало активностите за набавка на соларна сушара и обука на членовите на Здружението на земјоделски производители од Куманово. Сушарата, според Елизабета Цветковска претседателка на „АБЕР 2015“, ќе се користи за потребите на членовите на здружението за подобрување и модернизирање на земјоделството во Североисточниот регион на Македонија. Проектните активности изнесуваат 150 илјади денари. Според Цветковска, тие се дел од наследството на проектот на УСАИД за експанзија на мали бизниси со финансиска поддршка од швајцарската агенција за развој и соработка, со можност на учество на јавниот, приватниот и граѓанскиот сектор во развојот и спроведување на иницијативите.

Проектот е избран од комисија за на земјоделските производители да им се овозможи пласман на билките во сушена форма.

„Тоа значи во сушарата ќе бидат сушени плодовите кои не може да бидат пласирани во сирова форма на пазарот. Сопственик на сушарата е „Лагод“ кој и финансиски ја поддржал изградбата на сушарата, а корисници за одреден временски период ќе бидат членовите на Здружението на земјоделците.“

Иако повеќето здруженија се занимаваат со подобрување на земјоделскиот развој впечатливо е што и покрај проектите за развојот на сточарството, ниту едно здружение до сега не посветило внимание на здравствената заштита на добитокот, иако тоа соодветствува со производство на здрава храна. Тоа би значело и одредена помош на приватните ветеринарни клиники во Североисточниот регион.

„До сега немавме апликанти со таква проектна идеја, доколку во наредната година имаме таква идеја секако дека стоиме на располагање за поддршка на развој на тој сектор“, вели Маја Тасевска координатор на проектот за сушарата.

Од работата на здружението до сега освен презентации на саемите, соларната сушара, тука е и проектот за мегалитската опсерваторија Кокино.

„Од наша страна финансирани се патокази, веб страната, андроид апликација и слични маркетнишки активности.“

Забележително е што повеќето здруженија од невладиниот сектор фаворизираат вложувања во едни исти области, како и што едни исти луѓе или фирми се присутни на работилниците и обуките.

„Проблемот е што локалните акциони групи треба да прераснат во мини институции кои ќе користат програма „Лидер“ . За жал, ние пред време сме регистрирани за да бидеме подготвени кога ќе дојде вистинскиот момент Република Македонија да биде акредитирана за Лидер програма од страна на европската делегација“,вели Цветковска и додава дека тоа требало да биде во наредната година, а со најновите информации тоа ќе биде во 2018-та година. Во овој момент „АБЕР 2015“ е во незавидна состојба, бидејќи се основани со една цел, која не можат да ја остварат, поради тоа што се врзани со националните институции, кои пак се во блокада и не се акредитирани.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG